„360 степени“ направи анкета во две скопски општини – Аеродром и Чаир. Сите анкетирани одговорија дека сметот утринава пред нивните згради не бил исчистен
Хаос, катастрофа, без коментар. Ова се најчестите одговори кои ги добивме од граѓаните на нашето прашање: Што мислат за ситуацијата во главниот град по комуналниот колапс?
„360 степени“ направи анкета во две скопски општини – Аеродром и Чаир. Сите анкетирани одговорија дека сметот утринава пред нивните згради не бил исчистен.
Повозрасна граѓанка од Општина Аеродром ни кажа дека се двоуми дали да ја плати сметката за комуналии овој месец.
„Плаќање овој месец не треба да има. На што личи градот? Дали не смрди? Гледајте што дишеме. Како градоначалничката вика сите се ѓубриња? Имаме ѓубриња и во луѓето, точно, меѓутоа, ова не било досега никогаш во Македонија“,
рече таа.
„Граѓаните цехот го плаќаат. Каде што не е исчистено смрди, не можеш да поминеш од контејнерите. Што да правиме? Што можеме ние да направиме? Нема каде да се обратиш, ми веруваш?“,
кажа друг граѓанин, жител на Општина Чаир.
„Без коментар“,
кусо ни одговори трет граѓанин.
Сепак, скопјани различно гледаат на изворот на проблемот што доведе до комуналниот хаос, откако вработените во „Комунална хигиена“ од 7 јули го блокираа претпријатието и не го собираат сметот. Тие побараа оставка од директорката Косана Мазнева-Николиќ поради отпуштања на дел од нивните колеги. Дополнително, се бара зголемување на платите, исплата на К-15 и бенефициран работен стаж.
„Не смее да има вработен што не доаѓа на работа и кој по некоја основа заснова работен однос, меѓутоа не се појавува перманентно, подолго време на работа. Значи тоа не смее да биде пракса во Македонија. Затоа сме толку назадни, затоа сме таму каде што сме“,
„Луѓето си ја знаат нивната работа, можеби се во право“,
„Има и добри и лоши (вработени н.з.). Има навистина некои што навистина работат и некои што малку забушаваат“,
велат анкетираните граѓани за „360 степени“.
Инаку, денеска повторно контрадикторни информации околу тоа дали претпријатието е блокирано или не.
Градоначалничката Данела Арсовска на својот фејсбук-профил се пофали дека екипите на „Комунална хигиена“ се на терен и дека градот се чисти. Според неа, состојбата во претпријатието е нормализирана.
Но, денеска во дворот на претпријатието затекнавме друга слика. Вработените продолжуваат со протестот, за кој велат дека трае веќе неколку дена.
За понатамошните чекори на вработените најверојатно ќе се разговара и на средбата со претставници од Сојузот на синдикати на Македонија која е закажана за денеска напладне. Вчера токму ССМ им даде поддршка на вработените.