Со огномет, зурли и тапани вечерва се слави и пред штабот на коалицијата „Вреди“, кој се наоѓа на плоштадот „Скендербег“, на влезот во Старата скопска чаршија
Симпатизерите на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“ вечерва со факели ја почнаа прославата пред изборниот штаб во Тетово.
Таму се присутни и тројцата лидери: Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Африм Гаши од Алтернатива и Изет Меџити од Демократското движење.
Со огномет, зурли и тапани вечерва се слави и пред штабот на коалицијата „Вреди“, кој се наоѓа на плоштадот „Скендербег“, на влезот во Старата скопска чаршија.
Претходно, пред штабот беа поставени двојни заштитни барикади, што беа срушени од присутните поддржувачи, кои ги прескокнуваа со цел да влезат во седиштето на „Вреди“.
Изет Меџити од партиската говорница на „Вреди“ вечерва изјави дека Али Ахмети е најголемиот губитник по денешниот изборен процес, како и дека ја запечатил својата комплетна изолација од сите релевантни политички чинители.
Како што рече Меџити, изборниот процес не бил демократски бидејќи институциите се ставиле во служба на ДУИ, но гласачите одолеале на притисоците.