Претходно, пред штабот беа поставени двојни заштитни барикади, кои беа срушени од присутните поддржувачи, кои ги прескокнуваа со цел да им се придружат на другите кои стоеја веднаш до седиштето на коалицијата
Со огномет, зурли и тапани симпатизерите на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“ вечерва по 20 часот почнаа да слават пред партискиот штаб кој се наоѓа на плоштадот „Скендербер“ на влезот во Старата скопска чаршија.
На снимките што ги направи репортер на „360 степени“ се слуша како присутните гласно извикуваат „Изет, Изет“, како и „Победа, победа“.
Од снимките се гледа и како група поддржувачи со тапани се движат од булеварот „Крсте Петков Мисирков“ на Бит-пазар кон плоштадот „Слендербег“, каде што им се придружуваат на другите поддржувачи.
Присутните го веат албанското, но и американското знаме и постојано палат факли.
Од видеа снимени од околните згради се гледа чад над плоштадот „Скендербег“, предизвикан од огномет и запалените факли.
Претходно, пред штабот беа поставени двојни заштитни барикади, кои беа срушени од присутните поддржувачи, кои ги прескокнуваа со цел да влезат во седиштето на „Вреди“.
Инаку, по одржување на првиот круг од претседателските избори на 24 април, пред изборниот штаб на „Вреди“ се собраа поддржувачи на ДУИ кои со огномет ја славеа победата на нивниот претседателски кандидат Бујар Османи.
Тогаш претставниците на коалицијата со претставниците на медиумите беа преселени во седиштето на Демократското движење, со цел, како што тогаш посочија оттаму, да се избегнат инциденти.