Сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски
Нема да изигруваме судии и обвинители, возвратија од СДСМ и прашуваат – зошто ако ВМРО-ДПМНЕ знаеле сѐ, го пуштиле Груби да ја напушти државата
СДСМ се виновни што поранешниот висок владин функционер од редовите на ДУИ, Артан Груби, неказнето крадел, тврди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
И покрај тоа, според владејачката партија, никој не смеел да го санкционира.

„Жално е да се гледа како сега СДС од петни жили се обидуваат да смислуваат сценарија, кога тие додека делеа власт, се плашеа да го спомнат Груби, а не, пак, да го повикаат на одговорност.
Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДС како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт“,
изјави Петрушевски
Според Петрушевски, толеранцијата кон Артан Груби била поттикната од желбата да се остане на власт.
„СДС треба да излезат и да им се извинат на граѓаните, затоа што молчеа додека Артан Груби правеше милионски криминал, а потоа не само што одмолчеа, туку и му се приклучија нивните функционери како Ковачевски.
СДС е до гуша во криминал, наместо евтини приказни, да почнат длабоко да се реформираат, зошто со криминалци во врвот на партијата тешко дека може нешто да очекуваат освен уште поголеми катастрофи“,
изјави Петрушевски.
СДСМ: Зошто ДПМНЕ го пушти Груби?
Од сега опозициската партија возвратија дека немаат намера да изигруваат ниту судија, ниту обвинител, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Потсетуваат дека ако има некакви сознанија за злоупотреби од било кого, постојат надлежни институции и органи кои во законска процедура треба да постапуваат.
Според нив, клучно прашање било – зошто ако ВМРО-ДПМНЕ знаеле, го пуштиле Груби слободно да помине граница?

„Толку ли вреди договорот на ДУИ со ДПМНЕ, којашто допрва треба да испорачува фактури?
Вакви или слични дилови со ДУИ, ДПМНЕ прави цело време. Хашките случаи, т.е. толкувањето на законот којшто заедно го усвоија ДПМНЕ и ДУИ дозволи амнестирање на дела кои се подведуваат под квалитатив Злосторства против човештвото.
Со тој дил ДПМНЕ ги предаде жртвите на тортура и нехуман третман кои доминантно беа Македонци.
Ништо не го пере ДПМНЕ за тоа што му озоможија на Груби слободно да ја напушти земјата преку граничниот премин ‘Блаце’“,
соопштија од СДСМ.