Утрово од скопскиот аеродром тие заминаа за Даблин, Република Ирска, како нивно трајно место за престој
Во моментов во земјава престојуваат 442 граѓани од Авганистан, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти
Уште една група авганистански граѓани кои привремено престојуваа кај нас утрово замина од земјава. Од Меѓународниот аеродром Скопје, 27-те Авганистанци заминаа за Даблин, Ирска, како нивно трајно одредиште, соопштија од владината прес-служба.
Станува збор за граѓани кои работеле за демократските институции и меѓународни невладини организации во Авганистан, и беа под закана на новиот талибански режим во земјата, а трошоците за престој кај нас во целост се покриени од меѓународните организации.
Во моментов во земјава престојуваат 442 граѓани од Авганистан, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти.
Институциите во текот на нивниот престој им даваат потребната поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација.
Пред една недела десетмина Авганистанци заминаа во Франција, каде што ќе чекаат да им се признае правото на азил.