Трошоците за сместувањето на авганистанските државјани во Скопје, додека да заминат до крајните дестинации, ги покриваат меѓународни организации
Заврши привремениот престој во земјава за група граѓани од Авганистан, информираше Владата.
Десетмина од вкупно 484 Авганистанци, кои Северна Македонија ги прими изминатиот период откако талибанците ја преземаа власта во Авганистан, синоќа заминале во Франција каде што ќе чекаат да им се признае правото на азил.
„Прибежиште им обезбеди Француската Република, додека чекаат да им се признае правото на азил, како дел од операцијата за помош на граѓани кои работеле за демократските институции и меѓународни организации во Авганистан, а се под закана на новиот талибански режим во земјата. Северна Македонија учествува во меѓународната хуманитарна мисија со тоа што досега обезбеди привремен престој за 484 граѓани од Авганистан, вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти“,
потенцираат од Владата.
Во Скопје, каде што имаат привремен престој, обезбедено им е сместување во објекти, здравствена заштита и психолошка поддршка. Трошоците не се на сметка на државата туку ги покриваат меѓународните организации.