Цените на храната, пак, како што рече премиерот, во април се зголемиле за помалку од еден процент во однос на март
Повикувајќи се на податоците на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во април најмногу поскапеле транспортните услуги, односно цените на авионските карти на нискобуџетните превозници, што, како што рече, ќе влијае во крајниот износ за инфлацијата за минатиот месец.

Цените на храната, пак, како што рече, во април се зголемиле за помалку од еден процент во однос на март.
„Најмногу се зголемени транспортните услуги, односно картите на нискобуџетните авиопревозници, што секако ќе влијае во крајниот износ на инфлацијата за април која очекувам да излезе деновиве. Гледам зголемена инфлација и во еврозоната. Во Бугарија е веќе над шест отсто, Хрватска се движи околу шест проценти, а Грција околу пет проценти. Така што, нема како ние да останеме имуни на ова“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
На прашањето какви мерки може да преземат за да се спречи дополнителен раст на цените на прехранбените производи, Мицкоски рече дека како Влада немаат голем простор за маневар освен да влијаат на ДДВ бидејќи, според него, замрзнувањето на цените и маржите во минатото се покажале како лоша мерка.
„Очекувам сето ова да се стабилизира во тековниот месец и веќе од следниот месец да имаме инфлaција што ќе биде под 4 проценти, а доколку имаме стабилизирање на состојбите во Иран, во Заливот, тогаш очекувам да дојдеме до оние бројки кои до крајот на годината ќе бидат меѓу два и три отсто“,
рече премиерот.
