На прашањето како дел од која политичка структура ќе учествува на следните избори, Лимани рече дека нема да биде дел од ВЛЕН. Прашан дали во моментов е министер на ВЛЕН или на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека е министер на сите граѓани во земјава
Јас и ВЛЕН одамна завршивме – изјави денеска министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, сугерирајќи дека веќе нема да биде дел од коалицијата на Албанците. Потегот следува по неговите несогласувања со лидерите на ВЛЕН, чиј член беше како дел од Движењето Беса на Билал Касами.

Во изјава за медиумите, Лимани денеска рече дека тој е за да има предвремени избори, оценувајќи дека колку побрзо се случат, толку подобро ќе биде за земјата и за нејзиниот економски развој, но во исто време и за освежување во рамките на ВЛЕН или останатите политички субјекти.
Коментирајќи ја својата вчерашна реобјава на социјалните мрежи, Лимани рече дека со тоа само потврдил дека е за предвремени парламентарни избори.
„Тоа беше реобјава од еден портал кој го објавил тоа, јас само потврдив дека сум за предвремени избори. Сите сме за предвремени избори, освен ВЛЕН“,
рече Лимани коментирајќи ја неговата реобјава на Фејсбук на која беше напишано „Со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите! Наскоро ќе ви овозможам да се покажете“.
На прашањето како дел од која политичка структура ќе учествува на следните избори, Лимани рече дека нема да биде дел од ВЛЕН. Прашан дали во моментов е министер на ВЛЕН или на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека е министер на сите граѓани во земјава.
„Јас сум министер на сите граѓани на оваа земја и ќе се обидам да им помогнам во сите аспекти што ми ги дозволува Министерството за социјална политика“,
изјави министерот за социјална политика, демографија и млади.
