„На овој универзитет се издаде и диплома од 2016 на која има печат со Република Северна Македонија. Вие знаете дека тогаш ние го имавме нашето омилено име. Името е променето во 2018 година“, вели министерката

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека на Славјанскиот универзитет се откриени неколку неправилности и оти институцијата ќе има сериозни последици доколку се докаже фалсификатот.
„Две дипломи на Славјанскиот универзитет се поништени, има многу нерегуларности од полагање на 14 или 17 испити во една сесија, правење несоодветни еквиваленции на четири ЕКТ-системи. Од еден предмет на четири ЕКТ-системи признаени се два со по седум ЕКТ-кредити. Издадена е и диплома од 2016 на која има печат со Република Северна Македонија. Вие знаете дека тогаш ние го имавме нашето омилено име. Името е променето во 2018 година“,
изјави денеска Јаневска.
Таа посочи дека случајот сега е предмет на Јавното обвинителство.
„Доколку се докаже, а сигурно ќе се докаже фалсификатот, универзитетот ќе има сериозни последици“,
додаде Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред последната панел-дискусија во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, на тема „Училницата на иднината: Вештачка интелигенција, знаење и новата улога на наставникот“.
Јаневска пред два дена информира дека освен случајот со Славјанскиот универзитет, предмет на Обвинителството е и оној со Филозофскиот факултет при УКИМ, каде што претходно беа откриени низа неправилности.
