„Има многу неправилности во одредени институции, не во сите, и за нив ќе се постапува по закон. Дали била виновна администрацијата или раководството, дали некои студенти учествувале во ваквите дејства, ќе утврдат соодветните органи“, вели министерката

Многу бргу ќе слушнете уште една, многу покрупна неправилност од оваа, која ќе ја изненади целата македонска јавност, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Најавата доаѓа во моментот кога се актуелни случувањата на Филозофскиот факултет при УКИМ каде што е утврдено дека од 2019 година, факултетот противзаконски запишувал студенти на магистерски и докторски студии, иако тие претходно завршиле тригодишни стручни студии, што законски не им дозволувало влез во академскиот систем на втор и трет циклус.
Се работи за седуммина запишани на магистерски и четворица на докторски студии и нивните уписи, по решение на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), се поништени и им е прекинато студирањето. Досега не докторирал ниеден, а магистрирале осумина, за кои нема решение дали дипломите ќе им бидат важечки.
„Има многу неправилности во одредени институции, не во сите, и за нив ќе се постапува по закон. Дали била виновна администрацијата или раководството, дали некои студенти учествувале во ваквите дејства, ќе утврдат соодветните органи“,
рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања.
Јаневска рече дека Државниот просветен инспекторат (ДПИ), чиј извештај го добила доцна вчера, утврдил каде се пропустите и според тоа ги донел и одлуките како треба да се постапува. Како што рече, Инспекторатот постапувал по поплаки и жалби на поединци.
Таа најави дека наредните два дена извештајот ќе биде обработен и од понеделник ќе бидат донесени решенија.
„Министерството и ДПИ немаат избор, тие мора да постапуваат по закон. Го разбирам, апсолутно, револтот на студентите, но постојат други институции каде што тие ќе си ги бараат своите права. Она што е во ингеренции на МОН од понеделник ќе биде завршено. Сè друго во соодветните институции за да биде и по закон и правдата задоволена“,
додаде Јаневска.
Според неа, постои закон по кој студентите требало да бидат запишани на втор и трет циклус студии и вели дека кога се запишувале некој требало да им каже и тие самите да проверат каде се запишуваат.
Јаневска посочи дека Агенцијата за квалитет во високото образование со години не правела евалуации, а дека во изминатите осум месеци се направени голем број проверки со кои се утврдуваат неправилности.
Актуелната ректорка на УКИМ, Биљана Ангелова, посочи дека овие неправилности се случувале во периодот 2019-2022 година кога имало друго раководство. Таа најави дека ќе објават официјален став за тоа кој е исходот од целата оваа ситуација на Филозофскиот факултет на УКИМ.
„Останува да бидеме трпеливи и да го почекаме конечниот извештај на инспекцијата и да се постапи и тогаш ќе дадеме официјално известување за исходот од целата оваа состојба“,
рече Ангелова.
На новинарско прашање дека се засегнати и студенти, кои со завршени тригодишни стручни студии се запишале на едногодишни магистерски во изминатите две-три години, ректорката одговори дека мора да го види извештајот за, како што рече, да не се манипулира со податоци за одделни студенти.
„Повторно ќе се испита и нивната состојба и тие се дел од оваа анализа и ќе гледаме во иднина да го премостиме ова. Веројатно ќе се акредитираат и нови студиски програми, ќе се презапишат ако е потребно, меѓутоа законската регулатива мора да биде исполнета. Претходните биле стручни студии и не може да продолжат во понатамошна едукација на академски студии“,
рече ректорката.
Јаневска во вторникот потврди дека Државниот просветен инспекторат констатирал нерегуларности при упис на студенти на магистерски и на докторски студии на Филозофскиот факултет во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Раководството на Филозофскиот факултет УКИМ вчера соопшти дека по констатираните нерегуларности, се прекинува студирањето на седум студенти на магистерски студии и на четворица на докторски студии.
