И премиерот и министерот за финансии држат прес-конференција, на која главна поента е дека треба да сме благодарни што не се покачуваат даноците, велат од опозициската партија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека укинување на прогресивното оданочување било нејзино барање и вели дека и е мило што владата на СДСМ се согласила дека рамниот данок е стабилен и развоен концепт.
Ваквата реакција следува откако премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција во владата соопштија дека се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стартува на 1.1.2023 година.
„Три месеци изгубија во најава за даночни реформи, го убедуваа бизнис секторот и граѓаните дека прогресивниот данок е правилна мерка, за на крај да ја повлечат. И наместо да има акција од приватниот сектор тие чекаат и не можат ниту да планираат инвестиции, ниту развој. Напротив чекаат да видат каква ќе биде економската и даночната политика на владата. Но, драго ни е што после вкупно 13 години како партија, и после пет години како влада, СДС се откажа од нејзините даночни авантури и конечно прифати дека рамниот данок воведен од ВМРО-ДПМНЕ е стабилен, развоен и предвидлив даночен концепт, поволен и за стопанството и за граѓаните“,
рече на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Владата, според опозицијата, нема стратегија за даночната реформа која помпезно ја најавуваше.
„И премиерот и министерот за финансии држат прес-конференција, на која главна поента е дека треба да сме благодарни што не се покачуваат даноците. Нема новитети, нема даночни ослободувања. Владата се фали со стари мерки коишто се веќе во сила и повеќе од 10 години, за кои вели дека нема да ги менува“,
рече Стојаноски.
Во однос на најавата од Владата за хонорарните работници дека ќе имаат можност доброволно да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување при што ќе се креира посебна платформа за фриленсери, од опозицијата сметаат дека тоа е само најава за нов данок за оваа категорија.