Ковачевски информира дека новина во однос на повласетените даночни стапки ќе биде тоа што за подобрување на репродуктивното здравје на жените и за поголема достапност на средствата за менструална хигиена, тие ќе имаат даночна стапка од 5 проценти
Се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стартува на 1.1.2023 година, не се предвидуваат нови даноци, данокот на личен доход останува со единствена стапка од 10 проценти, данокот на додадена вредност останува 18 проценти и нема да се оданочуваат каматите на депозитите на штедни влогови, изјави денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека почнува да се имплементира даночната реформа од 1 јануари.
Таа, како што посочи премиерот, е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025) во која се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени во пет приоритети.
„Нашата визија е да креираме праведен, ефикасен и модерен даночен систем. Зборот праведност е клучен во даночната реформа. Таа треба да обезбеди даночен систем со поголема транспарентност и со нагласена борба против сивата економија. Истовремено ќе имаме и зелено оданочување“,
рече Ковачевски.
Што се однесува до хонорарните работници, тој рече дека тие ќе имаат можност доброволно да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Притоа, ќе се креира посебна платформа за фриленсери, затоа што тие немаат постојани вработувања.
„Ова решение би се имплементирано понатаму, преку посебен закон за социјално осигурување на доброволна основа, кој би се применувал од 01.01.2024 година, и тоа по развој и имплементација на платформата за регистрирање на т.н. фриленсери“,
рече Ковачевски.
Во однос на данокот на добивка, доколку добивката не се реинвестира, а тоа се искористи како даночно ослободување, ќе се применат многу високи казни, за да се избегнат злоупотребите.
Ковачевски информираше дека новина во однос на повласетените даночни стапки ќе биде тоа што за подобрување на репродуктивното здравје на жените и за поголема достапност на средствата за менструална хигиена, данокот за овие средства ќе се намали од 18 на 5 проценти.
Ковачевски рече дека е планирано да се оданочат и компаниите кои профитирале од енергетската криза, но како тоа ќе изгледа, дополнително ќе се утврдува.
Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, со реформата ќе се ревидираат даночните олеснувања затоа што направените анализи покажале дека дел од овие ослободувања ја постигнале целта и со нив во моментот се прави дисторзија на пазарот.
„Главната цел е да се обезбеди правичен, транспарентен и современ даночен систем“,
рече Бесими кој е убеден дека концептот што го промовираат е далеку подобар отколку првичната нацрт верзија затоа што поминал низ инклузивен процес со сите засегнати страни.
Казните за злоупотреба при данокот на добивка ќе бидат прецизирани со закон, но предлогот, како што посочи Бесими, е тие да бидат петкратно зголемени.
„Доколку некој го злоупотребува тоа законско право даночно ослободување заради цели на евазија, доколку се констатира таков престап, петкратно се зголемуваат казните“,
рече Бесими.
Нацрт концептот на даночни реформи во изминатиот период помина низ јавни дебати што Министерството за финансии ги организираше со засегнатите страни.