Со благослов на митрополитот повардарски г. Агатангел, денеска во сите градови и населени места од Повардарската епархија се попрскуваат улиците со света вода, се чита молитва и се бара благослов од Бога за престанок на глобалната пандемија и на погубната зараза со коронавирус, соопшти Повардарската епархија.
Оттаму велат дека, сепак, ги следат препораките од државните органи да не се собираат голем групи и за чинот свештенството се служи со возила во движење, што било редовна пракса при вакви вонредни состојби и во други држави и помесни православни цркви. Велат, ова е традиција на светата православна црква, кога за време на војни, суша, земјотреси, епидемии и други несреќи, во минатото биле спроведувани литии со икони, крстови, света вода и свети мошти.
„Бог да ја благослови нашата татковина Македонија и нека ги штити од разни болести и зарази сите оние што живеат во неа“,
порачуваат од Повардарската епархија.
Но, кавадаречката телевизија КТВ објави видео во кое, покрај осветување на улиците, свештеник ги поттикнува верниците да доаѓаат во црквите, што е спротивно на препораките на здравствените власти кои порачуваат граѓаните да останат дома, за да се спречи опасноста од ширење на коронавирусот. Претходно, сите поглавари на верските заедници во земјава на средба со техничкиот премиер Оливер Спасовски постигнаа согласност дека и верските заедници и верниците треба да бидат на ниво на одговорноста, со цел да се придонесе за спречување на можно ширење на болеста и непосакуваните последици.
Свештеникот од Кавадарци смета дека ако се укине литургијата црквите ќе се претворат во музеи, споменици на културата или фолклорни друштва.
„Првите кои излегоа и предложија да се затворат храмовите и да не се служи света литургија се токму оние лажни верници кои никогаш не се причестиле со Христос. Ѓаволот не мирува и не спие и сака да ги оддалечи луѓето од светото крштение и светата причест. Сведоци сме на такви дејства, насочени против крштевките и причестувањето во храмовите. Во време на пандемија, кога секаде се труби за тоа, во меѓувреме фабриките со стотици вработени работат со полна пареа. Некој нам ни се заканува дека во храмовите ќе се проширела заразата и од светата причест ќе се разболеле верници. Што друго да подразбереме освен тоа што ѓаволот користи некои луѓе за да му наштети на верниот народ и да и напакости на светата црква“,
вели свештеникот.
Повардарската епархија е една од десетте епархии на МПЦ – Охридска архиепископија, под водство на митрополитот г. Агатангел. Оваа епархија ги опфаќа Кавадарци, Велес, Неготино, Валандово, Богданци и Демир Капија. И локалните телевизии и граѓаните кои денеска ги забележале активностите на свештениците споделуваат на социјалните мрежи фотографии и видеа.
Велес 2020та пролет господова! pic.twitter.com/kV2bUm9QvU
— Onocentaur (@Onagerot) March 25, 2020
Повардарската епархија објави и фотогалерија од денешниот чин.





*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Владиката Тимотеј: Нека прскаат со света вода, но да не се повикува на масовни собири