„Прв предлог на закон за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, едноставно кажано, за возачките дозволи. Втор предлог на закон за изменување на Законот за патни исправи на државјаните по скратена постапка. Овие два закона како се донесени и со кој ум се донесени, од денешен аспект, е небитно. Денеска е последен ден кога пратениците имаат можност да докажат дека се во насока на интересот на граѓаните, без политикантство, без политички игра. Само со измена на овие два закона, во делот на важност на возачките и на пасошите може да се решат проблемите на граѓаните. Сè друго е козметика, шминка, популизам“, вели техничкиот министер за внатрешни работи
Само со измена на два закона во делот на важноста на возачките дозволи и на пасошите пратениците можат да им ги решат проблемите на граѓаните. Ова денеска пред зградата на Собранието го најави техничкиот министер Панче Тошковски откако, како што рече утринава, и во рамки на електронскиот систем, и физички, и до Владата ги поднел истите законските решенија кои и вчера ги најавил.
„Прв предлог на закон за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, едноставно кажано за возачките дозволи. Втор предлог на закон за изменување на Законот за патни исправи на државјаните по скратена постапка. Овие два закона, како се донесени и со кој ум се донесени, од денешен аспект, е небитно. Денеска е последен ден кога пратениците имаат можност да докажат дека се во насока на интересот на граѓаните, без политикантство, без политички игра. Само со измена на овие два закона, во делот на важност на возачките и на пасошите, може да се решат проблемите на граѓаните. Сè друго е козметика, шминка, популизам“,
вели Тошковски.
Според него, овие два закона се суштински во делот на важноста на документите и ако што било друго се проба да биде изведено, може само да искомплицира граѓаните да не можат да ги остварат своите права.
„Ова е доставено до Влада како предлог како министер за внатрешни, но поради итноста ги замолив пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поднесат ова по итна постапка уште денес“,
вели тој.
Тошковски вели дека законските измени предвидуваат пермутација на четири бројки, со што ќе се реши овој проблем.
„Треба пермутација на две бројки од едниот закон и пермутација на две бројки од другиот закон. Ова не е научна фантастика. Многу е едноставно. Значи, со пермутација на четири бројки и со политичка волја на оние кои земаат плата од граѓаните ќе се реши овој проблем“,
рече Тошковски.
Според координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се работи за измени на две законски решенија, Законот за патни исправи и Законот за безбедност во сообраќајот.
Се работи за измена на одредбите од двата закона кои, како што вели Мицевски, предвидуваат завршување на роковите по однос на ова законско решение за патните исправи и возачките дозволи. Со оваа измена, рече тој, ќе се продолжи одредба за да можат да важат и во наредниот период.
„Итна е постапката, јавноста е сензибилна по однос на ова прашање. Ние денеска како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ги подготвивме законите и ги поднесовме до Архивата на Собранието. Дополнително, поднесовме и барање за свикување на итна седница со потписи од 20 пратеници. Претседателот на Собранието може да ја свика во текот на денот“,
рече тој.
Денеска од тетовско Селце техничкиот премиер Талат Џафери рече дека дел од можните решенија ќе ги дефинираат со пратениците како закон, а другиот дел преку одлука на Владата, односно ќе се согледаат сите аспекти и во зависност од можностите ќе се употребат како решенија за надминување на проблемите во врска со прашање што ќе преземе за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок согласно Преспанскиот договор истекува вечерва на полноќ.
Со законските измени кои ги предлага СДСМ би се овозможило возачките дозволи да може да се користат за внатрешна употреба и по 12 февруари, а граѓаните да не се казнуваат ако во сообраќај бидат затекнати со возачка дозвола со старото уставно име на државата.
Министерството за внатрешни работи вчера ги извести граѓаните дека од 13 февруари 2024 година, согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија.