Еврокомесарката за проширување пораката ја испрати во интервју за Бугарската национална телевизија. Надоврзувајќи се на најавата од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека најнапредните земји кандидати ќе добијат патокази, Марта Кос рече дека тоа се однесува на Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, без да ја спомне Македонија
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ) дадено на маргините на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, се надоврза на најавата на претседателката на Европската комисија дека се подготвуваат патокази за државите кои се најнапредни во пристапните преговори, посочувајќи ги во тој контекст Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Кос не ја спомна Северна Македонија меѓу оние што ќе добијат патоказ во оваа фаза.
За Северна Македонија, рече дека напредокот на двете најнапредни земји од Западен Балкан може да ја поттикне и земјава да продолжи напред во процесот на пристапување кон ЕУ.

Според неа, оваа ќе биде „есен на проширувањето“, посочувајќи дека Европската комисија ќе се фокусира на две главни насоки – забрзување на процесот на проширување и подготовка на земјите членки за прием на нови.
„Во својот говор претседателката на Европската комисија објави дека подготвуваме патокази за земјите што се најнапредни во преговорите. Знаете, Црна Гора е најблиску до пристапување во ЕУ, а за Албанија, Молдавија и Украина, Комисијата ќе претстави патокази во кои ќе ги испланираме сите можни технички чекори до крајот на нашиот мандат“,
вели Кос.
Таа додаде и дека проширувањето не може да се реализира без поддршка од сите земји-членки и нивните граѓани.
„Знаете, многу години немаше проширување на ЕУ. Последното беше во 2013 година, кога се приклучи Хрватска. Потоа, процесот на проширување беше приоритет. Сега имаме две земји од Западен Балкан кои се најнапредни на патот кон ЕУ. Ова може да ги мотивира и другите земји како што се Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, со кои се уште не сме започнале преговори, да одат напред, а не да одат назад како Србија“,
кажа еврокомесарката за проширување во интервјуто.
На новинарско прашање како ЕУ може да влијае врз Скопје да ги спроведе уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот со цел да се деблокира процесот на пристапување, Кос рече дека би била многу среќна доколку актуелниот момент на проширување се искористи и за напредок на Северна Македонија.
Според неа, Владата во Северна Македонија треба да го исполни преземаното ветување и да ги спроведе уставните измени, а потоа изрази очекување за поддршка од Бугарија за процесот со Северна Македонија да продолжи.
„Би била многу среќна ако го искористиме овој момент на проширување и за Северна Македонија. Верувам во новата бугарска влада, со која соработувам многу добро. Секако, владата во Северна Македонија мора да го одржи ветувањето. Тие мора да го променат својт Устав, ова е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји членки на ЕУ. Откако ќе се направи ова, ќе сметам на поддршката од вашата земја за да можеме да продолжиме напред и со Северна Македонија“,
кажа Кос.
Таа во интервјуто зборуваше и за улогата на Бугарија во новите европски проекти за поврзување со Јужен Кавказ, Централна Азија и Блискиот Исток, при што додаде дека следната година земјата ќе биде домаќин на самит за поврзување.
Посочи дека Средниот коридор е еден од најважните проекти на актуелната Европска комисија, бидејќи отвора нови трговски и енергетски патишта и овозможува побрз транспорт на стоки од Централна Азија кон Европа.
Таа вели дека Бугарија се наоѓа на трасата на новите коридори и може да има значајна улога во нивниот развој. Најави дека во октомври ќе ги посети Турција и Бугарија, каде што ќе разговара за конкретни проекти.
Меѓу првите чекори смета дека е модернизацијата на железничката инфраструктура и патиштата на бугарска страна, особено имајќи ја предвид фреквентноста на границата меѓу Бугарија и Турција.
Како пример го посочи отворањето на новата железничка врска меѓу Истанбул и бугарската граница, оценувајќи дека подобрувањето на инфраструктурата ќе придонесе за развој на меѓународните трговски патишта, но и ќе им овозможи на бугарските граѓани да ја користат новата инфраструктура.

Инаку, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата, освен што најави дека ЕК ќе предложи патокази за кандидатите со најголем напредок во процесот на пристапување, ја повика Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија.
