Свештеници од кавадаречките храмови одржаа литургија против коронавирусот, но и качени во отворено возило поминаа низ градот за да го осветат, објави КТВ Кавадарци. Тие ги поттикнуваат верниците да доаѓаат во црквите, што е спротивно на препораките на здравствените власти кои порачуваат граѓаните да останат дома, за да се спречи опасноста од ширење на коронавирусот.
„Првите кои излегоа и предложија да се затворат храмовите и да не се служи света литургија се токму оние лажни верници кои никогаш не се причестиле со Христос. Ѓаволот не мирува и не спие и сака да ги оддалечи луѓето од светото крштение и светата причест. Сведоци сме на такви дејства, насочени против крштевките и причестувањето во храмовите. Во време на пандемија, кога секаде се труби за тоа, во меѓувреме фабриките со стотици вработени работат со полна пареа. Некој нам ни се заканува дека во храмовите ќе се проширела заразата и од светата причест ќе се разболеле верници. Што друго да подразбереме освен тоа што ѓаволот користи некои луѓе за да му наштети на верниот народ и да и напакости на светата црква“,
велат свештениците.
Тие сметаат дека ако се укине литургијата црквите ќе се претворат во музеи, споменици на културата или фолклорни друштва.
Претходно, сите поглавари на верските заедници во земјава на средба со техничкиот премиер Оливер Спасовски постигнаа согласност дека и верските заедници и верниците, треба да бидат на ниво на одговорноста со цел да се придонесе за спречување на можно ширење на болеста и непосакуваните последици.
*поврзана вест: (ФОТО+ВИДЕО) Цела Повардарска епархија ги осветува градовите против коронавирусот
*поврзана вест: Владиката Тимотеј: Нека прскаат со света вода, но да не се повикува на масовни собири