Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Брисел објави дека Алијансата ќе додели нов пакет помош на земјава со 60 респиратори и друга итна опрема во вредност од 1,4 милиони евра.
„Како што гледаме во последниве недели, бројот расте во сите европски земји, а не само во Северна Македонија. Тоа е причината што НАТО долго време веќе делува во напорите во борба против ковид-19. Помошта се реализираше и со поставувањето на полските болници и транспорт на опрема. Важно е воениот персонал да даде поддршка, а со тоа НАТО ќе продолжи да ги координира и да ги мобилизира овие видови поддршка. Дадовме клучна поддршка за Северна Македонија и понатаму ќе продолжиме. Денеска објавивме дека ќе обезбедиме респиратори и друга итна опрема. Работиме и за понатамошна поддршка, како и јакнење на нашите капацитети, затоа што заедно стоиме пред оваа пандемија“,
рече Столтенберг одговарајќи на прашање како НАТО може да ѝ помогне на земјава во ковид-кризата.
Истовремено, рече Столтенберг, тука се и другите безбедносни ризици како што се хибридните закани, каде исто така помага Алијансата.
Тој не даде конкретен одговор на новинарско прашање зошто НАТО ја користи кратенката НМК наместо МКД, како што всушност е предвидено и во Преспанскиот договор. А на прашањето зошто сè уште не е одобрен воениот претставник на земјава во НАТО тој рече дека има стандарди и процедури, процес на одобрување и ветинг, како и дека се држат до одредена временска рамка. Но, најважно е рече тој, што сега Северна Македонија е членка и има рамноправен глас како и сите останати.
Заев, кој на почетокот на заедничката прес-конференција доби честитки за неговиот роденден и за новиот мандат, рече дека членството во НАТО е остварување на една од стратешките цели.
„Ние станавме полноправна членка. И покрај пандемијата бевме топло пречекани и бевме сведоци на силна солидарност од нашите сојузници“,
рече Заев додавајќи дека земјава сега има зајакнати стабилност и просперитет.
Премиерот порача дека Северна Македонија е посветена да ги исполни своите обврски, меѓу кои е и тоа до 2024 година од буџетот да се одвојуваат 2 проценти за одбраната. Тој упати порака и за интеграциите во ЕУ.
„Истовремено и ЕУ реши да ги отвори преговорите, нестрпливо чекаме Советот да ја усвои преговарачката форма и очекуваме првата меѓувладина седница да се одржи до крајот на 2020 односно до крајот на германското претседателство“,
порача Заев.