Американскиот советник и премиерот Ковачевски, според најавите, ќе разговараат за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата
Премиерот Димитар Ковачевски утринава пред платото на Владата го пречека советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, кој денеска е во посета на Скопје.
Американскиот советник и премиерот Ковачевски, според најавите, ќе разговараат за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, во понеделникот изјави дека Шоле ќе покрене неколку прашања со својата посета на Скопје, а нагласи дека борбата против корупцијата ќе остане приоритет за Вашингтон.
Агелер посочи дека ова биде ќе многу интензивна година, а, како што рече, советникот Шоле со посетата ќе ги потврди заложбите и поддршката на САД за Северна Македонија.
Посетата на советникот на Стејт департментот на земјава е во рамки на балканската турнеја во која освен Скопје, Шоле ќе ги посети и Белград и Приштина. Целата на оваа турнеја, како што претходно нагласија од Стејт департментот, е да се нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан.
На 12 јануари Шоле ќе продолжи во Белград, каде што со раководството на српската влада ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристап во ЕУ. Тој, исто така, ќе разговара за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во дијалогот олеснет од ЕУ за нормализирање на односите со Косово.
Посетата на Шоле на земјите од Западен Балкан беше најавена за декември минатата година, но тој ја откажа својата турнеја во последен момент поради позитивен тест на ковид.