Програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“, која вчера формално беше презентирана на 32. Конгрес на СДСМ, и е јавно достапна и објавена, според Кузеска, е визијата на СДСМ за модерна, праведна и европска држава, во која, како што кажа, институциите работат за граѓаните, трудот е веднуван, а младите имаат причина да останат и да ја градат својата иднина дома
Што се донесува од „Скопската иницијатива“, Кузеска изјави дека со неа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја потврдил својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и во Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и антиевропските политики
„Скопската иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ се двете политички артикулации преку кои Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најавува нова етапа во своето дејствување.

Новата етапа, како што изјави портпаролката и членка на Извршниот одбор (ИО) на партијата, Богданка Кузеска, е заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стандард, борбата против корупцијата и за европска иднина за Македонија.
Програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“, која вчера формално беше презентирана на 32. Конгрес на СДСМ, и е јавно достапна и објавена, според Кузеска, е визијата на СДСМ за модерна, праведна и европска држава, во која, како што кажа, институциите работат за граѓаните, трудот е веднуван, а младите имаат причина да останат и да ја градат својата иднина дома.
„Во време кога илјадници млади луѓе ја напуштаат државата во потрага по подобри можности, платформата нуди конкретни политики за нивна поддршка: пристап до достоинствено вработување, повисоки плати, достапно домување, квалитетно образование, модерни студентски стандарди и еднакви можности за развој без партиски книшки и врски“,
рече портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз.
Говорејќи во таа насока, таа посочи дека според партијата, најголемиот предизвик за младите денес не е само економската несигурност, туку чувството дека системот не е праведен.
Токму затоа, рече таа, централно место во платформата имаат борбата против корупцијата и воспоставувањето систем во кој институциите функционираат без политичко влијание, а законот важи еднакво за сите.
Иницијативите што ги предлага СДСМ во таа насока се донесување нов актикорупциски закон, кој ќе се темели на ветинг на сите избрани и именувани функционери, потоа на целосна проверка на потеклото на имотот, нови институции за борба против корупцијата, дигитализација на услугите и воспоставување механизми што ќе спречат партизација и злоупотреба.
Платформата, додаде таа, нуди решенија и за економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните, а во чиј фокус се повисоки плати и пензии, заштита на работничките права, фер и правично оданочување, поддршка на домашното производство, подобра социјална заштита, образование и поддршка на земјоделците.
Што се однесува до „Скопската иницијатива“, Кузеска изјави дека со неа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја потврдил својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и во Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и антиевропските политики.
Под името „Скопска иницијатива“ викендов, односно во саботата, се одржа меѓународна конференција организирана од СДСМ и тинк-тенкот Корчуланската висока политичка школа. Говорејќи на неа, лидерот на партијата, Венко Филипче, рече дека станува збор за иницијатива за зајакнување на регионалната соработка меѓу социјалдемократските и прогресивните политички партии во регионот, кој, како што посочи тој, се соочува со сериозен предизвик од авторитарни, националистички и коруптивни стуктури. На ваквите тенденции, посочи тој, мора да одговорат прогресивните сили со единство, соработка и заедничка акција.
Филипче оцени дека Западен Балкан се наоѓа во клучен момент кога по долгогодишни застои повторно постои реална можност за членство во Европската Унија.
Говорејќи во тој контекст, портпаролката и членка на ИО на СДСМ, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција изјави дека Европа не е апстрактна политичка цел, туку можност за подобар живот дома, повисоки плати, владеење на правото и повеќе шанси за секој човек.
„Македонија не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации кои ја оддалечуваат од европската иднина. Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој и европски вредности преку поширок Фронт за вистина и правда“,
рече таа.
Фронтот за вистина и правда, како што нагласи таа, не е партиски проект, туку широко натпартиско – општествено движење, кое е отворено за сите граѓани, организации, интелектуалци, професионалци, синдикати и општествени чинители.
