Регионот се соочува со сериозен предизвик од авторитарни, националистички и коруптивни структури, на кои прогресивните сили мора да одговорат со единство, соработка и заедничка акција, порача Филипче
„Скопската иницијатива“ е акција за зајакнување на регионалната соработка меѓу социјалдемократските и прогресивните политички партии во регионот, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на меѓународна конференција организирана од СДСМ и Корчуланската висока политичка школа. Регионот, како што рече, се соочува со сериозен предизвик од авторитарни, националистички и коруптивни структури, на кои прогресивните сили мора да одговорат со единство, соработка и заедничка акција.
Тој оцени дека Западен Балкан се наоѓа во клучен момент кога по долгогодишни застои повторно постои реална можност за членство во Европската Унија.
„Нашата генерација има единствена можност да го заврши овој процес. Имаме можност не само да исполниме една стратешка цел, туку и да го оствариме долгогодишниот сон на цела една генерација. Контекстот во кој денес дејствуваме е многу поразличен од оној кој некогаш го обединуваше полтитичкиот спектар и инспирираше широк јавен оптимизам. Нашите општества се соочуваат со најсериозниот идеолошки отпор во поновата историја. Антиевропските сили се поорганизирани од кога било досега и решени да ја одложат, ако не и целосно да ја спречат, европската интеграција“,
рече Филипче.

Домашниот национализам, популизмот, организираниот криминал и екстремизмот сè повеќе дејствуваат заеднички против европските вредности и реформските процеси, потенцира Филипче. Дополнително, како што рече, тие се охрабрени од подемот на крајната десница во некои земји членки на ЕУ.
„Како и од злонамерни надворешни актери надвор од ЕУ кои овие ретроградни сојузи ги гледаат како корисни инструменти за спроведување на сопствените агенди, агенди што не носат корист ниту на ЕУ, ниту на регионот, ниту на една земја поединечно, а најмалку на граѓаните. Овие ретроградни сили ќе продолжат да ги злоупотребуваат чувствителните прашања за сопствен политички профит. Особено загрижува блиската соработка помеѓу организираниот криминал и националистичко-популистичките структури. Криминалните мрежи, заштитени од ретроградните политички елити, најмногу стравуваат од реформите во владеењето на правото што ги носи европската интеграција. Успешната интеграција би ги ограничила сивите зони во кои тие дејствуваат“,
додаде Филипче.

Филипче порача дека единствениот одговор на овие предизвици е создавање силна прогресивна коалиција на регионално ниво.
„За да ја победиме оваа црна регионална коалиција, мора да одговориме со единство, одлучност и долгорочна соработка“,
рече Филипче.
