При инспекциски надзор, Државниот просветен инспекторат заклучи дека се прекршени 15-тина законски и статутарни одредби, во обидот за избор на редовен професор на Медицинскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово. Изборот требаше да го добие Арбреша Беџети Ферати, вонредена професорка и сопруга на претседателот на Сенатот
Универзитетот не се согласува дека се направени грешки. За „360 степени“ велат дека е поднесена и жалба до надлежната второстепена комисија. Во меѓувреме, граѓанскиот активист што го популаризираше случајот тврди дека добива закани од членови на семејството на засегнатата. За случајот имаше што да каже и министерката за образование
Овој случај е показател дека процесот на унапредувањата повеќе нема никаква врска со тоа колку знаеш, туку кого познаваш.
рече Бленди Ходаи од навладината Форум за образовни промени на 30 април.
Вака, на 30 април годинава говореше Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени, а во врска со обидот за избор на Арбреша Беџети Ферати за редовна професорка на Медицинскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово. Просветниот инспекторат утврди најмалку 15 прекршени законски и статутарни одредби во постапката.

Истиот ден, деканот на факултетот кажа дека инспекторите дошле еден час пред закажаниот избор и дека допрва следува правна разврска.

Ќе ги оспориме точките како што се составот на комисијата, ингеренциите на деканот и бројот на билтенот. УТ и Медицинскиот факултет немаат што да кријат, сите процедури беа објавени во билтенот чекор по чекор.
рече Невзат Елези -Декан на медицинскиот факултет при ДУТ.
Проверивме – има ли и до каде е епилогот на случајот?
Ова е интернет-страницата на Факултетот за медицински науки при Државниот универзитет во Тетово. Во делот Академски кадар, може да се види кој предава на факултетот. Меѓу имињата е и она на Арбреша Ферати Беџети.

Тоа е истото име за кое Државниот просветен инспекторат неодамна заклучи дека:
– нема доказ за завршен втор циклус – магистерски студии;
и дека кога била избрана за вонреден професор во 2022 година:
– не била спроведена дополнителна постапка за потврдување на наставно-научното звање вонреден професор и исполнетоста на општите услови за избор во наставно-научно звање вонреден професор.

Ова се само фрагменти од Записникот на Државниот просветен инспекторат од 17 април 2026 година. Направен е врз основа на вонреден инспекциски надзор, по анонимна пријава дека се подготвува незаконски избор на Арбреша Ферати Беџети за редовна професорка. Јавноста дозна за случајот откако извештајот на Инспекторатот го објави Бленди Ходаи, од невладиниот Форум за образовни промени.

Немаше никаква официјална реакција од институцијата, освен една контрареакција на деканот на Медицинскиот факултет, кој се обиде да нè демантира, но всушност призна сè што се случило во врска со незаконското напредување на Арбреша Беџети-Ферати. И надвор од тоа, имавме многу закани од членовите на семејството на Арбреша Беџети-Ферати за објавување на скандалот, еден од најголемите скандали што сме ги истражувале досега во врска со незаконски академски напредувања.
вели Ходаи.
Ходаи се надева на реакција од институциите за, како што ги нарекува, академските злосторства да не поминуваат без казна.
Она што го бараме од Државниот просветен инспекторат, од Министерството за образование и наука се две работи: прво, на Универзитетот во Тетово мора дефинитивно да му се соопшти фактот дека на Арбреша Беџети-Ферати треба да ѝ се одземе академското звање што е во процес на добивање, редовен професор, и во исто време Државниот просветен инспекторат веднаш да започне вонреден инспекциски надзор за да се види колку е законско добивањето на претходното академско звање, вонреден професор, што го добила во 2022 година. Потоа, во исто време, она што треба да го направи Јавното обвинителство е да испита дали има некаков случај на манипулација со документацијата и соодветно фалсификување документи од истото лице.
рече Ходаи.
„360 степени“ се обрати до Министерството за образование со повеќе прашања, врз основа на наодите од инспекцискиот надзор.
Во документот, освен што се констатирани неправилности во распишувањето на огласот и недостатоци во документацијата на кандидатката која требало да биде избрана, утврдени се и повреди сторени од Факултетот, деканот и комисијата за избор.

Јаневска: Вчера ДПИ повторно беше на увид и констатира дека не е постапено по нивното решение и понатаму процесот ќе се одвива пред Управен суд. Но, по Законот за високо образование, направено е „порамнување“ се вика тоа, на казната која треба да ја плати правниот субјект и рецензентската комисија за неправилностите кои настанале во текот на изборот. И закажан е датум кога тие треба да дојдат за да ја испорачаат казната која им е предвидена.
360°: Тоа значи дека одбиваат да ги платат глобите, имаат период на жалби или…?
Јаневска: Не, тие треба да дојдат во министерството да потпишат документ и да ги платат глобите.
360°: Добро. Во однос на констатациите од страна на просветниот инспекторат во однос на претходна одлука од 2021 година, Дали е поништена таа одлука, а со тоа и изборот на, ќе ја спомнеме ајде, професорката Арбреша Беџети-Ферати?
Јаневска: За тоа претпоставувам дека ќе треба да се води посебна постапка, оти станува збор за два избори. Едниот избор е за претходно направена процедура, а ова за што сега реагираше имаше претставка е за друг избор којшто е поништен.
360°: Дали очекувате некој на универзитетот да понесе морална одговорност, со оглед на забелешките, критиките, постапката која се води, но и поврзаноста на избраната професорка со член на семејството кој е во раководните органи на ДУТ?

Јаневска: Не е невообичаено на еден универзитет да има членови на семејството и таа тема сме ја дискутирале. И е проблематична во мали земји како што е Македонија, иако да, постои пракса некаде во светот каде што на иста единица не можат да бидат вработени членови на семејството. За моралната одговорност би требало да се обратиме на актерите. Не секогаш, еве јас ќе зборувам за рецензентската комисија, се прави прекршок во процедурата намерно.
Со детални прашања „360 степени“ се обрати и до Државниот универзитет во Тетово. Дали го поништиле конкурсот? Дали ги платиле глобите? Дали Арбреша Беџети Ферати и натаму предава на ДУТ, со оглед на забелешката и за нејзиниот избор за вонреден професор? Ќе понесе ли некој морална одговорност?
Ова е целосниот одговорот кој го добивме:

Од ставовите е извесно дека Универзитетот во Тетово ќе ги искористи сите законски механизми, што значи дека не треба да се очекува експресен епилог. Од Форумот за образовни промени велат дека ќе продолжат да го следат и овој случај, но да отвораат и нови.

Освен што ни е работа, тоа го чувствуваме и како обврска кон општеството затоа што е многу важно, и не смееме како општество да дозволиме нашите универзитети во Северна Македонија да се претворат во засолништа на политичките партии и да се претворат во засолништа на последователни злоупотреби. Има една многу убава изрека на Неџати Аголи која вели: „Грешката на лекарот завршува под земја, грешката на архитектот паѓа на земја, додека грешката на професорот и наставникот чекори на земјата“. Затоа обврска на секого е да не дозволиме последователните незаконски грешки да продолжат да одат на земјата.
рече Ходаи.
