Во врска со цената на струјата што ќе се наплаќа од почетокот на идната година, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ги има пресметките колку би можела таа да изнесува и тврди дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните
Согласно нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи. Што и да се случи со производството на ЕСМ, што и да се случи во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од тоа колку што моментално плаќаат, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Во врска со цената на струјата што ќе се наплаќа од почетокот на идната година, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека ги има пресметките колку би можела таа да изнесува и тврди дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните.
И директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, тврди дека набавките на електрична енергија што сега се прават нема да влијаат на цената на струјата од следната година.
Ковачевски вели дека компанијата има предвидено план за производство, но и набавка на електрична енергија и за наредниот месец, но дури после 1 декември ќе се знае точно колку и дали ќе има потреба да се набави електрична енергија.
„Предвидени се набавки на електрична енергија и во декември со цел да се покрие 100 отсто од испораката на електрична енергија кон домаќинствата и малите потрошувачи, односно да имаме сигурна и стабилна испорака на електрична енергија и да нема рестрикции“,
рече Ковачевски.
Според него, за декември е предвидена набавка од 48 илјади мегават-часа и средства во висина од 25 милиони евра.
„На 1 декември точно ќе знаеме колку дополнително се зголемува потребата од електрична енергија за да се снабдат основните и средните училишта, водоводните претпријатија, компаниите за производство на основни прехранбени производи“,
кажа Ковачевски.
Тој додава дека во овој период има намалена потрошувачка на електрична енергија, а цените таа да се набави се приближни со производните и со ваквиот начин на функционирање се штедат ресурсите.
„Во моментот имаме доволна количина мазут во резервоарите во ТЕЦ ‘Неготино’, имаме актуелен договор за набавка на мазут, имаме склучено договор за набавка на мазут од 1 јануари. Во моментот, исто така, имаме солидна депонија на јаглен во РЕК ‘Битола’ од околу 300 илјади тони. А, солидна депонија за почеток имаме и на РЕК ‘Осломеј’. Дополнително, денеска склучуваме нов договор за набавка на јаглен за РЕК ‘Осломеј’ со компанија која ќе го носи јагленот од Грција. Следната недела очекуваме уште една квалитетна понуда за набавка на јаглен за РЕК ‘Битола’ од Грција“,
потенцираше директорот на ЕСМ.