Посебен акцент е ставен и на регионалната иницијатива „Вертикален гасен коридор“, која, според Министерството, претставува значајна можност за унапредување на енергетската поврзаност, сигурноста во снабдувањето и интеграцијата на националните пазари во пошироките европски енергетски текови
„Гасниот интерконектор со Грција е стратешки проект кој директно ја зајакнува енергетската безбедност на државата и отвора нови можности за диверзификација на снабдувањето. Нашата цел е Македонија да обезбеди стабилен пристап до различни извори и правци на енергија“, вели министерката Божиновска
Гасниот интерконектор меѓу Македонија и Грција ќе биде завршен во текот на наредната година, во согласност со утврдените рокови и планови за реализација, информираат денеска од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Како што соопштуваат од Енергетика, ова било истакнато на средба одржана денеска, на која учествуваа министерката Сања Божиновска, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, и главната извршна директорка на грчкиот оператор за пренос на природен гас ДЕСФА, Марија Сферуца.
На средбата се разгледани тековните активности за изградба на интерконекторот на двете страни од границата, како и динамиката за реализација на договорните обврски.
„Во фокусот на разговорите беше потврдената заедничка определба проектот да се реализира во согласност со утврдените рокови, преку интензивна координација меѓу институциите и операторите, со цел да се обезбеди нов, сигурен и диверзифициран пристап до природен гас за Македонија. На средбите беше потврдена заедничката оценка дека гасниот интерконектор ќе биде завршен во текот на наредната година, во согласност со утврдените рокови и планови за реализација“,
се вели во соопштението од Министерството.
Посебен акцент е ставен и на регионалната иницијатива „Вертикален гасен коридор“, која, според Министерството, претставува значајна можност за унапредување на енергетската поврзаност, сигурноста во снабдувањето и интеграцијата на националните пазари во пошироките европски енергетски текови.
Министерката Божиновска истакна дека интерконекторот претставува стратешки проект за државата.
„Гасниот интерконектор со Грција е стратешки проект кој директно ја зајакнува енергетската безбедност на државата и отвора нови можности за диверзификација на снабдувањето. Нашата цел е Македонија да обезбеди стабилен пристап до различни извори и правци на енергија“,
рече Божиновска.
Од Министерството велат дека на средбите е потврдена заедничката определба проектот да се реализира во утврдените рокови, преку координација меѓу институциите и операторите, со цел да се обезбеди сигурен и диверзифициран пристап до природен гас.
Извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама, посочи дека проектот бара континуирана соработка меѓу сите страни, додека од ДЕСФА е потврдена посветеноста за навремена реализација на интерконекторот.
Изградбата на гасниот интерконектор, чија делница на македонска страна изнесува 66,7 километри, започна на 9 јули минатата година. Интерконекторот ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно, со можност истиот да се зголеми до три милијарди кубни метри.
Вкупната вредност на проектот изнесува околу 3,7 милијарди денари (околу 60 милиони евра). Средствата се обезбедени преку заеми од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 28,9 милиони евра и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 45 милиони евра, како и инвестициски грант од 12,5 милиони евра преку ИПА-инструментот на Европската Унија.
