САД, Велика Британија, Германија и ЕУ ја повикаа Москва веднаш да го ослободи Навални
Руското Министерство за надворешни работи пак, порача никој да не се меша во внатрешните работи на Русија
Затворската казна од три и пол години за опозиционерот Алексеј Навални предизвика нови протести во Русија.
Голем број негови поддржувачи денеска се собраа на повеќе локации во Москва и побараа негово ослободување. Дел од нив се приведени.
Во меѓувреме, САД, Велика Британија, Германија и ЕУ ја повикаа Москва веднаш да го ослободи Навални.
„Пресудата за Алексеј Навални е неприфатлива. Политичкото несогласување никогаш не е злосторство. Апелираме за негово итно пуштање на слобода“,
напиша претседателот на Франција, Емануел Макрон на Твитер.
Приговор Алексею @Navalny недопустим. Политические разногласия ни при каких обстоятельствах не являются преступлением. Мы призываем к его немедленному освобождению. Соблюдение прав Человека, так же, как и демократических свобод, не могут быть предметом обсуждения.
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) February 2, 2021
На денешната пресуда на Навални реагираше и шефот на дипломатијата на Европска Унија, Жозеп Борел, истакнувајќи дека е во спротивност со меѓународните обврски на Русија во областа на владеење на правото и фундаменталните слободи.
The sentencing of Alexey @navalny runs counter Russia’s international commitments on rule of law & fundamental freedoms. It goes against the verdict of #ECHR, which ruled this case arbitrary and unreasonable.
— Josep Borrell Fontelles (@JosepBorrellF) February 2, 2021
I call for his immediate release.
„Во спротивност е и со предудата на Европскиот суд за човекови права, кој случајот го окарактеризира како произволен и неразумен. Барам негово моментално ослободување“,
напиша Борел на Твитер.
Во меѓувреме и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел побара ослободување на Навални.
„Ние не ја прифаќаме пресудата, правдата не смее да биде политизирана“,
напиша Мишел на Твитер.
Претходно и германскиот и британскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас и Доминик Раб побараа ослободување на Навални.
„Велика Британија повикува на итно и безусловно ослободување на Алексај Навални и сите мирни демонстранти и новинари уапсени во текот на изминатите две недели. Денешната перверзна пресуда е насочена кон жртвата на труење, а не кон одговорните, што покажува дека Русија не ги исполнува најосновните обврски што се очекуваат од кој било одговорен член на меѓународната заедница“,
изјави британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб
Германскиот министер за наддворешни работи Хајко Мас изјави дека денешната казна за рускиот опозиционер Алексеј Навални е „горчлив удар“ за владеењето на законите во Русија и побара негово итно ослободување.
Das Urteil gegen Alexej @Navalny ist ein herber Schlag gegen fest verbriefte Freiheitsrechte und Rechtsstaatlichkeit in #Russland. Der EGMR hat dieses Verfahren bereits 2017 als willkürlich kritisiert. Alexej #Nawalny muss unverzüglich freigelassen werden.
— Heiko Maas 🇪🇺 (@HeikoMaas) February 2, 2021
Длабока загриженост изразија и САД.
„Навални, како и секој руски граѓанин, има права кои следуваат според рускиот Устав, и Русија има меѓународни обврски да ги почитува еднаквоста пред законот и правото за слобода на говорот и слободно собирање, се вели во соопштението. Повторно ја повикуваме руската Влада моментално и безусловно да го ослободи Навални, како и на стотици други руски граѓани кои во изминатите недели беа неправедно задржани само затоа што посегнале по своите права, вклучително правото за слобода на говорот и слободно собирање“,
се вели во соопштението од државниот секретар Ентони Блинкен.
Русија: Западот да се посвети на своите проблеми
Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли повиците за ослободување на Навални и порача земјите да не се мешаат во внатрешните работи на Русија.
„Не се мешајте во внатрешните работи на една суверена држава. Ви порачуваме секој да се занимава со своите проблеми“,
истакна портпаролката на руското МНР, МАрија Захарова.
Таа додаде дека однесувањето на западните дипломати за случајот со Навални е низа испланирани политички сценарија.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров рече дека Москва има причина да верува дека инцидентот со рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил лажен.
„Што се однесува до случајот Навални, не ни се дадени никакви информации што ги докажуваат обвинувањата против руските власти“,
истакна Лавров, пренесе ТАСС.
Тој рече дека ако обвинете некого, тогаш треба да ја докажете неговата вина.
„Денеска, уште еднаш ја потсетив шведската страна дека, бидејќи шведската воена лабораторија изврши анализа и заклучоците на германските експерти беа јавно потврдени, очекуваме од нашите шведски колеги да покажат транспарентност и искреност во овој случај“,
истакна рускиот министер за надворешни работи.
На Навални му се слоши за време на авионски лет на 20 август, а два дена подоцна беше префрлен во болница во Берлин. Лаборатории во Германија, Франција и во Шведска, како и тестирањата кои ги спроведе Организацијата за збрана на хемиско оружје, утврдија дека Навални бил изложен на отровот „новичок“, развиен во некогашниот Советски Сојуз. Руските власти во неколку наврати негираа каква била вмешаност во труењето на Навални.
Навални беше уапсен на 17 јануари откако се врати од Германија, каде се лекуваше по наводното труење со нервниот гас Новичок.
Според руските власти Навални и неговиот брат финансиски ја оштетиле компанијата Ив Роше, поради што беа осудени на 3,5-годишни условни казни, а руската Федерална казнено-поправна служба побара казните да се преиначат во казна затвор по враќањето на Навални во Русија.
Неговиот случај предизвика серија протести во Русија, на кои беа уаспени илјадници демонстранти.