Американскиот претседател Доналд Трамп го одржа својот прв јавен настап откако му беше дијагностициран ковид-19. На балконот од Белата Куќа се појави без маска, а пред присутните поддржувачи зборуваше за прашањата за „законот и редот“ во земјата.
Претседателот, кој вели дека повеќе не пие лекови против ковид-19, а пред неговите поддржувачи порача дека „се чувствува одлично“.
Неговиот говор следува откако докторот од Белата куќа, Шон Конли рече дека претседателот може да одржува јавни настани, 10 дена откако беше потврдено дека е позитивен на ковид-19.
„Чест ми е што сум пред вас. Ова денес што се случува го нарекуваме мирен протест во знак на поддршка на неверојатните мажи и жени кои го спроведуваат законот и сите луѓе кои работат толку добро за нас“,
рече Трамп.
Тој порача дека верува оти преку американскиот дух, науката и медицината ќе се искорени, како што вели, вирусот од Кина.
За време на неговиот говор, претседателот Трамп, меѓудругото, рече дека вакцината против ковид 19 ќе се развие многу брзо.
„Вирусот ќе исчезне и веќе исчезнува“,
рече Трамп.
Би-Би-Си пишува дека митингот пред Белата куќа делумно бил организиран од фондацијата „Блексит“, која има за цел да ги натера афроамериканците и латино-гласачите да ја поддржат републиканската партија.
Трамп рече дека афроамериканските и латино-заедниците го отфрлаат радикалниот социјализам и дека ја прифаќаат неговата програма, која како што вели, е наменета за бизнис, за полицијата и за САД.
Кога станува збор за правосудниот систем, Трамп рече дека неговата администрација го постигнала она што неговиот претходник Барак Обама не можел.
Инаку, најавената претседателска дебата помеѓу Трамп и демократскиот кандидат Џо Бајден што требаше да се одржи на 15 октомври е откажана, бидејќи американскиот претседател одби виртуелна дебата.