Претседателот Стево Пендаровски денеска се вакцинираше против ковид-19 на пунктот за масовна вакцинација во спортската сала „Перо Наков“ во Куманово за, како што рече, да ја разбие шпекулацијата дека во Скопје се даваат едни вакцини, а во други градови некои други.
Со него во Куманово се вакцинираа и неколку соработници од неговиот кабинет за, како што велат оттаму, да ја подигнат јавната свест за потребата од масовна имунизација.

„Термин за вакцинирање добив за вчера, меѓутоа бевме на еден службен пат кој беше одамна закажан, бевме и на регионален собир. Одлучив да се вакцинирам во друг град бидејќи има шпекулации, дезинформации, наводно, дека едни вакцини се даваат во Скопје, други вакцини се даваат во други градови. Затоа е добро да ја разбиеме таа шпекулација, мислам дека е добро и за другите и за останатите што се на функција да го направат сличното. Јас сакам, на 8.6. кога треба да ја примам втората доза, таа да ја примам во некоја трета општина, мислам дека тоа е добро за да им покажеме на луѓето дека сите вакцини што доаѓаат во земјава се проверени, сите тие се ефикасни и не треба да имаат никаков сомнеж. Треба што побрзо да го направат тој чин затоа што е добро што побрзо да се вратиме во нормала и во приватните животи и во она што е професија“,
рече Пендаровски.
Денеска се вакцинираа и вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, како и министрите Бојан Маричиќ, Горан Милевски и Благој Бочварски.
Претходните денови вакцина примија и други членови на Владата, а веќе се вакцинираше и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери.