Од претседателскиот кабинет велат дека Пендаровски нема да ја коментира изјавата на Заев, кој, пак, во интервјуто за БГНЕС објаснува дека шефот на државата ѝ е пријател на Бугарија, коментирајќи ја неговата изјава за „живковистичката матрица“
Верувајте, претседателот Пендаровски ѝ е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар, како што е Зоран Заев, коментира македонскиот премиер во интервјуто за софиската агенција БГНЕС во врска со ставовите на шефот на државата наспроти бугарските позиции кон евроинтеграцискиот процес на С Македонија.
Од кабинетот на Стево Пендаровски велат дека претседателот нема да ја коментира изјавата на премиерот.
Заев посочува дека Пендаровски работеше со претходните претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, а дека до изборот за шеф на државата беше национален координатор за НАТО.
„Тој е сериозен општественик и е ангажиран целосно на пријателството со нашите соседи и со Бугарија и, секако, на нашата интеграцијата во НАТО и ЕУ. Некогаш, верувам дека и јас, не само тој, не сме доволно внимателни со зборовите. Ви кажувам отворено, дека во неговата душа и неговиот памет се комплетно желбата и сонот за големо пријателство, кое го имаме, но треба да го доизградиме и тој е голем поддржувач на договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија“,
одговори Заев на прашањето на бугарскиот новинар.
Пендаровски пред неколку дена изјави дека бугарската политика не е излезена од матрицата на Тодор Живков.
„Претседателот Радев не се разликува од премиерот Бојко Борисов, од Екатерина Захариева, не се разликува од Каракачанов. Станува збор само за персонални стилови, личен стил, дали ти се изразуваш на еден начин, јас на поинакво начин, меѓутоа главните позиции, главните тези на бугарската политика кон нас или кон тоа како го велат тоа историчарите т.н. македонско прашање е идентично во последните 70 години. Основоположник на тие позиции дека не постои македонски народ и не постои македонски јазик е Тодор Живков“,
рече Пендаровски, во интервју за ТВ 24.
Претходно, по последната седница на Советот за безбедност, Заев и Пендаровски излегоа со усогласени позиции дека не смее да се заострува реториката кон Бугарија.
За разлика од Пендаровски, кој реши да не коментира за интервјуто на Заев за бугарската агенција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одржа вонредна прес-конференција на таа тема.
Според Мицкоски, позициите што Заев ги изнесе во интервјуто се скандалозни и упатуваат на тоа дека премиерот нарушува преговарачките позиции со Бугарија и прави чекор кон откажување од македонското малцинство во соседната земја.