Проблемот во моментов, рече директорот на ЦУК, е што е што на неколку места огнот се распалува, но уште еднаш нагласи дека очекува огнот да се стави под целосна контрола во текот на денот
Додека во Беровско од вчера беснеат пламени јазици, земјава поминува уште едно лето без реформиран систем за заштита и спасување.
Околу 50 хектари површина зафати пожарот што вчера попладне избувна помеѓу беровските села Митрашинци и Будинарци, а директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, вели дека среќа е што пожарот се движи ниско по земја, а поголем дел од високите букови и дабови дрва не се оштетени. Во моментов, како што изјави тој, пожарот е под делумна контрола, а се очекува во текот да денот и целосно да се стави под контрола, додека за гаснењето ќе треба повеќе време.
„Гаснењето најверојатно ќе трае малку подолго бидејќи на некои места догоруваат трупци и дебели дрва кои е тешко да се изгаснат и треба повеќе време да се изгаснат“,
рече Ангелов.
Беровските пожарникари заедно со нивните колеги од „Македонски шуми“ вчера први излегоа на терен, од утрово од 5 часот во гаснењето се вклучи и еден хеликоптер на МВР, додека од пред неколку минути се вклучи и авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Рано утрово со дејство започна еден полициски хеликоптер кој прецизно ја истураше водата и успеавме во утринските часови да го совладаме оној прв огнен удар и да воспоставиме делумна контрола. Од пред неколку минути почна со дејство еден авион на Дирекцијата за заштита и спасување кој исто со исклучително прецизно фрлање на водата го погоди место каде имавме едни поголеми пламени јазици. Благодарност и честитки до храбрите македонски пилоти, но покрај нив овде се наоѓаат и поголем број на пожарникари“,
рече директорот на ЦУК.
На терен излегоа и пожарникари до Виница, Кочани, Радовиш и Струмица за да им помогнат на колегите.
Проблемот во моментов, рече Ангелов, е што е што на неколку места огнот се распалува, но уште еднаш нагласи дека очекува огнот да се стави под целосна контрола во текот на денот.
„Сега денот станува веќе жежок. Проблемот е што на неколку места огнот се распалува и потоа повторно доаѓа до негово ширење, но сметам дека ќе воспоставиме целосна контрола во текот на денот. За гаснење ќе ни треба сигурно најмалку уште еден ден со тоа што повторувам дека високите температури прават дополнителни проблеми“,
додаде Ангелов нагласувајќи и дека штетата од овој не може да се спореди со минатогодишните.