Во гаснењето на пожарот кој од вчера „голта“ дабова и букова шума во Беровско, од утрово се вклучил и хеликоптер на МВР, а од пред малку и авион (ер-трактор) на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Огнот беснее над беровските села Будинарци и Митрашинци, а на терен се повеќе противпожарни екипи од регионот, припадници на ЈП „Македонски шуми“ – подружница Берово и голем број доброволци.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: (ВИДЕО) Пожарот во Беровско делумно е контролиран, Ангелов очекува да биде под целосна контрола во текот на денот
И додека во Беровско од вчера беснеат пламени јазици, извесно е дека земјава дочека уште едно лето без реформиран систем за заштита и спасување.
Во пресрет на сезоната на пожари, „360 степени“ во мај праша дали и летово ќе гасиме пожари со стискање палци и покрај пустошот од лани, кога останаа приземјени ер-тракторите, а клучна беше помошта од станство.
Откако кон крајот на 2021 година Дирекцијата за заштита и спасување, конечно, постигна договор со преговарање без оглас со фирмата што и претходно ги сервисираше авионите – шпански „Титан фајрфајтинг компани“, на почетокот на мај слета еден сервисиран авион.
Погледнете ја сторијата: