„Во јавната чешма со кисела вода во Кривогаштани утврдено е присуство на бактеријата Escherichia coli, интестинални ентерококи, Pseudomonas aeruginosa и зголемен број колиформни бактерии. Водата и од оваа јавна чешма не е безбедна за пиење. Ова веќе е системски колапс“, велат од СДСМ

Опозицискиот СДСМ објави дека водата од јавната чешма во Кривогаштани е загадена со бактерии и не е безбедна за пиење.
Велат дека ова е уште еден случај што докажува дека во Македонија има системски колапс.
„Македонија без безбедна вода. По пет недели од труењето на над 5 000 луѓе во Гостивар, по новиот случај, од пред два дена, во Демир Капија и по предупредувањата дека во повеќе од 50 места низ државата нема редовни анализи – еве нов случај. Во јавната чешма со кисела вода во Кривогаштани утврдено е присуство на бактеријата Escherichia coli, интестинални ентерококи, Pseudomonas aeruginosa и зголемен број колиформни бактерии. Водата и од оваа јавна чешма не е безбедна за пиење. Ова веќе е системски колапс. Гостивар. Демир Капија. Кривогаштани. И уште десетици места за кои јавноста нема никакви информации“,
велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека додека премиерот Христијан Мицкоски оди на увид на фекална канализација во Идризово и држи здравици преку посредници, граѓаните низ цела Македонија продолжуваат да пијат вода со фекални бактерии.
„За Гостивар сè уште нема официјален документ со кој се потврдува чистотата на водата и комплетна анализа. Сè уште нема одговорна личност која стои зад таа одлука – освен ‘чувството’ на Мицкоски. Сè уште Обвинителството не дало одговор кој дозволил Гостивар со недели да пие отруена вода. Одговорноста не може вечно да се избегнува“,
соопшти партијата.
Претходно денеска СДСМ соопшти дека премиерот Христијан Мицкоски се вратил од екскурзија, но повторно не го посетил Гостивар и граѓаните кои повеќе од еден месец пиеле загадена вода. Побараа јавно да биде објавен официјален резултат од анализите на гостиварската вода.
„Од Скопје прати експертско уверување дека водата во Гостивар е безбедна и дека водоводниот систем го исчистиле ‘како никогаш досега’. По Тошковски и Ангелов, сега и Мицкоски е експерт за чистење на водоводни системи. Но владата одбива да покаже анализа или официјален резултат за водата во Гостивар. Зошто се уште нема официјално објавен документ со кој се потврдува дека водата е чиста и здрава за пиење? Каков е овој однос кон граѓаните на Гостивар после се што се случуваше?“,
соопшти СДСМ.
На ваквото барање на СДСМ, денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тој инсистира да биде објавен извештајот за водата во Гостивар.
