„Албанците се државотворен народ и суштински дел од уставниот поредок произлезен од Охридскиот договор. Бадентер е уставна гаранција дека бројното мнозинство нема самостојно да одлучува за јазикот, образованието и идентитетот на Албанците“, велат од ДУИ

Во Демократската унија за интеграција (ДУИ) сметаат дека е потребно двојно мнозинство за законите што го засегаат образованието.
Тие реагираат на изјава на министерката за образование Весна Јаневска која, според нив, бара Бадентеровото мнозинство да не се преименува онаму каде што таа смета дека не треба.
„Јаневска го нарекува Бадентер ‘алатка’. Бара тој да не се применува таму каде што таа и Владата сметаат дека ‘не треба’. Уставот не ѝ дава такво право. Амандманот X бара двојно мнозинство за законите што го засегаат образованието. Примената на Бадентер не зависи од личната проценка на Јаневска дали одреден закон ги засега Албанците. Уште попонижувачки е тоа што, во контекст на блокадата од албанските пратеници, министерката зборува за Албанците како за ‘мала заедница’. Албанците се државотворен народ и суштински дел од уставниот поредок произлезен од Охридскиот договор. Бадентер е уставна гаранција дека бројното мнозинство нема самостојно да одлучува за јазикот, образованието и идентитетот на Албанците“,
велат од ДУИ.
Барањето селективна примена на Бадентеровото мнозинство, според ДУИ, значи негово целосно обесмислување.
„Ова е последица на недостатокот на легитимитет и неспособноста на ‘не Вреди’. Нивното присуство во Владата не ги заштитува Албанците. Нивното молчење им овозможува на министрите јавно да ги понижуваат Албанците без никаква одговорност. Бараме Јаневска веднаш јавно да се извини и да ја повлече изјавата. Законите за образование мора да бидат донесени согласно со Уставот и со потребното Бадентерово мнозинство. Бадентер не ѝ е оставен на располагање на Владата. Тој е уставна обврска“,
соопшти ДУИ.
