Огнот го зафатил вториот кат од објектот, а густ чад и пламен излегуваат од прозорците на последниот кат и се шират кон дел од покривната конструкција
Засега нема информации за повредени лица, а надлежните служби работат на утврдување на причините за пожарот
Голем пожар избувна утрово во зградата на амбасадата на Пакистан во белградската населба Дедиње, пренесува српски Н1.

Според првичните информации, огнот го зафатил вториот кат од објектот, а густ чад и пламен излегуваат од прозорците на последниот кат и се шират кон дел од покривната конструкција.
На местото на настанот интервенираат повеќе екипи на противпожарната служба. Ангажирани се три противпожарни возила со кранови, како и неколку екипи на итната медицинска помош.
Пожарникарите работат на локализирање на огнот и спречување на неговото ширење кон околните објекти.
Поради интервенцијата, сообраќајот во овој дел од Дедиње е значително отежнат, а пристапот до амбасадата е ограничен.
Како што пренесуваат српските медиуми, пожарот избувнал непосредно пред 9 часот и се претпоставува дека во моментот во објектот немало вработени, ниту посетители бидејќи работното време во амбасадата сè уште не било почнато.
Засега нема информации за повредени лица, а надлежните служби работат на утврдување на причините за пожарот.
Според првичните проценки, материјалната штета е значителна.
