Полициски службеници приведоа момче што го шеташе својот миленик, а видеото од настанот се прошири на социјалните мрежи. Се забележуваат припадници на полицијата, момчето со неговиот миленик и возила на полицијата. Видеото предизвика лавина од коментари и негодувања. Според она што се коментира под снимката, најверојатно настанот се случил во скопска населба.
Засега, не се знае која е причината за приведувањето на момчето, но се шпекулира дека тоа било забележано на улицата неколку минути пред да започне одредениот термин дозволен за шетање на миленици во време на полициски час.
За настанот се огласи и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој вели дека настанот е евидентиран од страна на Одделот за внатрешна контрола и ќе се анализира дали полицијата постапила противзаконски.
„Конкретниот случај е евидентиран и се преземаат мерки за утврдување на законитоста на постапувањето на полициските службеници, a за исходот од проверките во текот на утрешниот ден дополнително ќе биде известена јавноста. Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и во иднина ќе презема мерки за соодветно расчистување на сите случаи во кои постои сомневање дека постапувањето на полициските службеници е спротивно на законот“,
напиша министерот Чулев на неговиот профил на Фејсбук.