Пенов и Костадиновска-Стојчевска добиле согласност од Арсовска за Министерството за култура целосно да ја преземе Универзална сала
Имаме комплетна согласност од градоначалничката Данела Арсовска за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура, изјави денеска министерот за локална самоуправа Ристо Пенов кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беа кај градоначалничката Данела Арсовска.
Пенов и Костадиновска-Стојчевска со градоначалничката разговараа за состојбите со реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје.
Пенов, пак како министер за локална самоуправа од Арсовска побарал објаснување за проекти кои се реализираат и кои се од интерес за скопјани.
„Јас бев и за проектите кои се важни за Скопје, како што се подземниот премин кај „Рамстор“, мостот во Карпош кај Љубљанска, кој е од особено значење за скопјани да го имаат, и оној во Аеродром кој стои заради имотно-правни односи. За овие проекти се договоривме да соработуваме со Арсовска“,
рече Пенов.
Пред средбата министерката за култура изјави дека со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов имаат задолжение од Влада да направат работен состанок со градоначалничката Данела Арсовска по однос на прашањето за состојбата со Универзална сала.
„Ние како влада предводена од СДСМ уште пред две години ја препознавме потребата од реконструкција, од зачувување на Универзална сала како навистина голем национален сопственик. Токму затоа доделивме средства преку Министерството за култура кои беа префрлени на Градот Скопје за реконструкција на Универзалната сала. Бидејќи таму работите се во застој денеска сакаме да разговараме со градоначалничката за да изнајдеме некое решение за универзална кое е од важност не само за Градот Скопје туку за цела држава да се врати на својата функционалност и да може што поскоро да биде реконструирана“,
изјави Костадиновска-Стојчевска пред состанокот.