Пратениците Скендер Реџепи од Алтернатива и Елми Азири од Алијанса ги смируваа демонстрантите на протестот за случајот „Монструм“, кои почнаа да фрлаат предмети по полицијата бидејќи не добија дозвола да го продолжат маршот до Основниот суд и до Собранието.
„Ние сме тука за вас, не се мешаме, иако многу нè обвинуваат дека се мешаме. Тука сме индивидуално, се мешаме како Албанци, граѓани, не сакаме да дозволиме да продолжат монтираните случаи. Целта им е да ги гледаат Албанците затворени и тоа нема да го дозволиме. Ако се согласувате, ќе ви помогнеме да ги вратиме демонстрантите назад, закажете друг ден, ние пак ќе дојдеме. Јас сум за тоа сепак да има протест пред Владата. Не откажувајте се и не срамете се да барате помош од секој албански политички субјект, било опозиција било од власт“,
им рече пратеникот Скендер Реџепи на организаторите на протестот.
Полицијата ги задржа демонстрантите пред трговскиот центар „Мавровка“ и не им дозволи да продолжат кон Основниот суд во Скопје и кон Собранието. Демонстрантите фрлаа предмети кон полицискиот кордон, а една група граѓани се обидуваше да ги смири тензиите.