„Завршува времето на омаловажувани и искористени осудени лица поради лични желби на одредени вработени. Осудените лица од овој затвор биле приморувани да вршат работни задачи на приватни имоти, особено градежи активности. Извештај за овие случувања е во тек на изработка, а санкциите ќе бидат неизбежни“, информира в.д. директорот на оваа казнено-поправна установа
Од затворот во Струмица во моментов во бегство се 23 затвореници, информира денеска преку видео-обраќање новиот в.д. директор на затворот Зоран Ристов, посочувајќи дека ваквата за него запрепастувачка бројка е резултат на неодговорното работење на претходните раководства.
Ристов посочува дека изминатиот период во пракса било преку телефонски повик да се додели погодност на затвореник со зборовите:
„Јас стојам зад тоа“.
Најави дека ваквите процеси во претстојниот период ќе бидат истражувани.
„Оваа пракса во затворот во Струмица завршува. Одговорност мора да следува. Како директор прва моја задача е да се врати достоинството и работниот имунитет на вработените. Да престанат лажните конструкции, лажните објави по социјалните мрежи и привилегиите за одредени осудени лица. Цврсто застанувам против секој обид за рекет, изнуда и притисок. Очигледно тоа е намерен инструмент за да се создаде клима за манипулација“,
вели тој во видео-обраќањето.
Согласно Законот за извршување на санции и куќниот ред, Ристов вели дека затворот Струмица ќе го врати нормалниот процес на ресоцијализација на осудените лица.
„Завршува времето на омаловажувани и искористени осудени лица поради лични желби на одредени вработени. Осудените лица од овој затвор биле приморувани да вршат работни задачи на приватни имоти, особено градежи активности. Извештај за овие случувања е во тек на изработка, а санкциите ќе бидат неизбежни“,
рече Ристов.
Да се води оваа специфична институција без законски предвиден годишен план за работа, како што вели тој, а во тек на седум години да се доведе установата на работ на егзистенцијата значи нарушување на безбедноста внатре и надвор од установата.
„Заедно со колективот ќе предложиме годишен план за работа, подобрување на стандардот на затворениците во делот на условите за живот и работа, зголемен работен ангажман на осудениците. Ќе ја поправиме елетричната и водоводната инсталација. Но, најважно е дека ќе направиме подигање на степенот на контрола за влез и излез од затворот на највисоко можно ниво“,
вели в.д. директорот на затворот во Струмица.
На 24 јули на предлог на директорот на Управата за извршување на санкции, Зоран Ристов е именуван за в.д. директор на КПД Затвор Струмица.
Вкупниот капацитет на КПУ Затвор Струмица изнесува 62 лица и во него се извршува казна затвор до три години, казна затвор за сторен прекршок и изречена мерка притвор согласно судско решение.
Во затворот казна затвор издржуваат лица од Струмица, Кочани, Штип, Виница, Делчево, Берово и Радовиш.