Владата вети сто милиони евра за општините за оваа година, ги повика локалните власти да аплицираат, а потоа се потпишаа и договори. Но, ниту проектите и договорите се објавени, ниту пак има јавно достапен преглед колку од тие сто милиони евра реално ќе се потрошат годинава
Според проверките што сами ги направивме, и кај институциите што даваат и кај институциите што треба да примаат пари, по се изгледа ќе се потрошат пари како
за џепарлак од очекуваните сто милиони евра
На Општина Тетово и беа одобрени три проекти што ќе ги финансира Владата како дел од стоте милиони евра наменети за инфраструктурни проекти на општините за оваа година.
Еден од проектите е за зафат на главниот цевковод од тетовскиот водовод. Вториот е за обнова на водоводната мрежа во населбата кај улица „Вонвардарска“. Третиот проект е за изградба на целосно нова зграда за средното училиште „Ѓоце Стојчески – Амбарче“.
Градоначалникот Биљал Касами вели дека внимателно бирале со кои проекти да аплицираат.
„Имаше неколку принципи. Првично, потребите на градот и граѓаните. А она што претходно го споменав во однос на главните проблеми со кои се соочуваат тетовци, еден од нив беше водоснабдувањето и затоа видовме дека е потребно да се инвестира во подобрување на водоводна мрежа. СЕЧЕМЕ 06:01 до 06:28 Што се однесува до училишните проекти, станува збор за некои училишта кои сè уште се во привремени згради какви што ги знаеме, во бараки, и оценивме дека текстилното училиште кое подолг период е во бараки, во привремените објекти, да изградиме објект со кој ќе можеме да создадеме современи услови за учење на овие ученици“,
вели Биљал Касами – градоначалник на општина Тетово.
Но, реализацијата на проектите е во рана фаза и извесно е дека до крајот на годинава нема да почнат работи на терен. Тоа значи дека Тетово нема да повлече ниту денар од парите што Владата ги одвои со ребалансот на буџетот за 2024 година.

„Ние ќе инсистираме, во зависност од временските услови, овие проекти да започнат што е можно поскоро бидејќи во 2025 година ќе започнеме со процедурите за аплицирање и потпишување за договорите од 2025 година и тоа ќе создаде ситуација дека мораме реално да управуваме со средствата за 2025 година, средствата за овие две години, 2024 и 2025 година, и тоа не обврзува да инсистираме економските оператори, компаниите кои ќе ја преземат реализацијата на овие проекти, исто така да преземат одговорност за нивна реализација за многу пократко време“,
додаде Касами.
Скопската Општина Центар, пак, аплицирала со два проекта, а одобрен ѝ е еден. Тој се однесува на втората фаза од реконструкцијата на спротската сала „Работнички“ во Градски парк. Проектот што не е одобрен е за хортикултурно и партерно уредување на зелениот пазар.
„За кој немаме потпишано договор и сè уште немаме добиено од страна на Владата и министерствата никакво образложение во тој дел. Но штом досега не е потпишан, не верувам дека до крајот на годината ќе биде одобрен“,
рече Горан Герасимовски – градоначалник на општина Центар.
И оваа општина годинава нема да почне со трошење на парите за одобрениот проект. Допрва треба да се респише јавната набавка.

„Со оглед дека не е распишан, сигурно дека нема. Не само јас, туку тоа го говоревме уште пред неколку месеци дека на поголем дел од општините им треба време за да се распишат самите јавни набавки, да се направат измените и дека многу мал дел финансиски средства што се планирани за оваа година ќе бидат фазно реализирани од општините“,
смета тој.
Се обративме до уште десет други општини од кои девет ни одговорија. Ги прашавме колку и какви проекти им се одобрени, во која фаза од реализацијата се и колку пари ќе потрошат до крајот на годината.
Повеќето општини што ни одговорија потпишале договори со ресорните министерства, направиле измени на планот за јавни набавки за 2024 година, распишале и тендери, но нема годинава да почнат со реализација на терен, а со тоа нема да потрошат ништо во оваа буџетска година.

Но, има исклучоци. Општина Богданци, на пример, на која ѝ се одобрени два проекта, нема да почне со никакви активности годинава.
„ …истите (проектите н.з.) ќе бидат опфатени во годишниот план за јавни набавки за 2025 година. Согласно тоа и тендерските постапки, избор на најповолен понудувач, склучување на договори и активностите на терен ќе се реализираат во тек на 2025 година“,
велат од општина Богданци.
Од општините што ни одговорија, пак, само Битола ќе повлече пари од државниот буџет за годинава. Тоа е за проекти што ги реализираат локалните јавни претпријатија, па нема потреба од тендер. Инаку, министерствата одобриле дури 16 проекти за Битола и за дел веќе се распишани јавните набавки.
„Договори се склучени само со јавните претпријатија кои ќе ги отпочнат активностите на почетокот на идната градежна сезона. Имајќи ги предвид претходните одговори, активностите не се започнати, а во однос на тоа дали ќе почнеме со трошење на предвидените средства до крајот на годината, ве известуваме дека до крајот на календарската година 160 000 евра ќе бидат исплатени кон јавните претпријатија“,
велат од општина Битола.
Се обративме и до шесте министерства до кои се поднесуваа проектите –за транспорт, за спорт, за образование, за социјала, за култура и за животна средина. Не ни одговорија само од животна средина.
Најмногу проекти на општините им се одобрени од Министерството за транспорт – 225. Министерството за образование прифати седум. Исто толку Министерството за спорт. Министерството за социјална политика, демографија и млади има четири проекти, а Министерство за култура и спорт вкупно пет.
На нашите прашања, до каде е исплатата, само од Министерството за образование ни одговорија колку пари очекуваат да бидат повлечени годинава.
„Досега исплатени се 112 илјади евра. Реализацијата на средствата продолжува следната календарска година“,
велат од Министерството за образование.
Останатите министерства не дадоа конкретни бројки и велат дека исплатата на средствата зависи од динамиката со која општините ги реализираат проектите. Еден пример за тоа е одговорот што го добивме од Министерството за спорт.
„Бидејќи за повеќето проекти постапките за јавни набавки сѐ уште се во тек, поголем дел од средствата ќе бидат префрлени во 2025 година, односно откако општините ќе ги потпишат договорите со изведувачите“,
велат од Министерството за спорт.
Кога е во прашање транспарентноста на процесот, пак, ниту едно од шесте министерства не ги објави на својата интернет-страница договорите со општините, иако повеќето ни посочија дека ако ги побараме, ќе ни ги достават. Се обидовме со Министерството за образование, од каде ги добивме сите седум договори.
Во неодамнешното интервју за „360 степени“ министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го бранеше начинот на кој Владата го комуницираше со јавноста проектот со кој се обезбедуваат сто милиони евра за инфраструктурни проекти на општините за 2024 година.
360˚: Зошто сè уште зборувате за сто милиони евра за општините? … Дали треба да сте пофер и покоректни. Вие имате околу 75 милиони евра, вие велите во функција на државата имате плус пари итн. Но реално, бидејќи рековте дека ќе плаќате по реализација, вие до крајот на годината многу помалку дури и од 75 милиони евра ќе реализирате.
„Ако разговараме на тој начин, тогаш да се прашаме 33 години како се комуницира? И јас се согласувам, ако го гледаме така, многу е дискутабилно зашто така бројките ги комуницираше секоја претходна влада. Има многу голема разлика меѓу јавните набавки и планирањето на јавните набавки и буџетот. И тука треба сите да се согласиме. Но, законот, така велат претходните министри за финансии, подразбира дека кога планираш одредена инвестиција или каков било договор, мора да ги имаш предвидено парите во буџетот. И сега јас се согласувам – смешно е, но они велат мора да ги имате планирано и ние сме ги планирале. Дали ќе се реализираат или не, ќе видиме до крајот на годината.“
360˚: Ама и вие сте свесна дека нема да се реализираат.
„Се согласувам“,
рече Гордана Димитриеска-Кочоска – министерка за финансии (12 ноември 2024 г.).
Министерката немаше проценка колку од тие средства ќе им бидат префрлени на општините до крајот на годината.

„Не можам да знам. Нека завршат со потпишување на договорите, па да видиме. Различно е ако зборуваме за инфраструктура во насока на тоа пат да се направи, многу побрзо е. Ние велевме дека станува збор за проекти што се комплетно готови и со кои, по склучување на договорот, веднаш може да се работи. Е сега вие ако зборувате за одреден пат, многу побрзо ќе оди реализацијата. Но, ако зборуваме за доградба на некое училиште, веќе тука… Е затоа однапред не можам да кажам ништо. Да ги видиме договорите.“
360˚: Е сега, се враќаме на првичното прашање, кога велите сто милиони евра за општините оваа година, а до крајот на годината реално прашање е 20 или 30 милиони дали реално ќе им префрлите, колку е тоа фер во комуникацијата со јавноста?
„Ви го одговорив прашањето. Нема апсолутно никаква разлика во нашето однесување. Ги следиме законите такви какви што се. И претходните министри како што си ги напишале и следеле, истото го правиме и ние“,
одговори таа.
Димитриеска-Кочоска вели дека во буџетот за 2025 година за оваа намена се предвидени 250 милиони евра, иако целата сума не може да се види во ставките по министерства. Тешко е да се очекува дека сите најавени пари ќе се реализираат, од истите причини како и годинава, иако 2025 е изборна година и тоа токму за градоначалници и советници.