Влатко Ѓорчев повика првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, да си поднесе оставка или да биде разрешен
ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе на нов протест против поскапувањето на струјата. Освен враќање на старата цена, партијата уште еднаш побара оставки од членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Влатко Ѓорчев пред медиумите побара претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, да си поднесе оставка или да биде разрешен.
„Бараме час поскоро враќање на старата цена и разрешување на Марко Бислимовски како послушник на Зоран Заев и неговите министри. Заев го именувал, Заев да го смени. Ако не, Марко Бислимовски да си поднесе оставка и целата РКЕ. Затоа што во оваа сиромаштија, во овие отпуштања што ги имаме во Македонија, во овој економски колапс што ни се случува, да се зголемува цената на струјата е ништо друго освен терор, економски терор врз стандардот на граѓаните на Македонија“,
рече Ѓорчев.
Тој обвини дека во Регулаторната комисија има партиски кадри и рече дека требаат нови членови кои ќе бидат професионалци. Додаде дека среде криза недозволиво е да се зголеми цената на струјата, додека во други европски земји, како што рече, таа се намалува.
„Никогаш наназад 30 години сме немале поголема криза, никогаш повеќе сме немале ваков скок на невработеноста уште од времето на транзицијата и на врв на сето тоа, во ситуација каде во еден куп европски земји се намалува цената на струјата, се намалуваат давачките, се намалуваат казните, во Македонија се случува обратното“,
рече Ѓорчев.