Не е соодветно да се споредуваат цените на поединечни готови производи во супермаркет со цените од договорот со добавувачот „Индустри сервис“, велат од МВР. Сите продукти од набавката на „услуги за исхрана“, додаваат, се испорачуваат и послужуваат во менза, а по потреба и во време и место согласно потребите на полициските единици. Во цената, велат од МВР, се вклучени и трошоци за прибор, инвентар, комунални услуги и други обврски кои ги има компанијата носител на набавката
Дали МВР треба сама да си го набавува делот од храната која е готова и сува бидејќи е поевтино, а не преку кетеринг, е дилема која во 2023 година ја отвори ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш тврдеа дека Оливер Спасовски преплаќа за храната, дека МВР има кујни кои треба само да ги организира, па дури обвинија дека носителот на набавката е близок до СДСМ. Добавувач и тогаш беше „Индустри сервис“. Сега, кога на чело на МВР е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, во одговорот на прашањата на „360 степени“ од партијата не дадоа ниту една забелешка за набавката која по многу нешта е иста како онаа од пред три години
Од компанијата „Индустри сервис“ велат дека понудените и договорени цени се во рамките на предвидениот буџет за тригодишната рамковна спогодба
Минатата недела објавиме детали од тендерот за услуги за исхрана на МВР. Меѓу другото, по кои цени државата ќе плаќа за поединечни готови производи кои ќе се послужуваат во мензите, споредено со цените во малопродажба.
Така, газирани сокови во пластична амбалажа од 0,45 литри, кои ги произведува Пивара Скопје, а по составот одговараат на „Кока-кола“ и „Фанта“, МВР ги плаќа по 55 денари. Во малопродажба, истите пијалаци ги најдовме за цени меѓу 37 и 43 денари.
Следствено, во сторијата го поставивме и прашањето – дали разликите во цена се оправдани?
Го поставуваме ова прашање имајќи во предвид дека производите, сепак, треба да се испорачаат и послужат во менза. Тоа, неспорно, е трошок. Но, притоа, не забораваме дека и цените во маркетите вклучуваат – и трошоци и профит за трговецот, односно се повисоки од набавните цени од каде што би требало да купува фирмата избрана од МВР.
МВР, до момент на првичната објава, не стигна да одговори на нашите прашање. Но, во меѓувреме, го добивме и нивниот став и ставот на компанијата. На кусо – велат ДА, цената е оправдана. Објаснуваат и зошто.
Меренда
Овие фотографии се од церемонијата по повод 25 години постоење на Единицата за брзо распоредување, или скратено ЕБР. Нејзините припадници се сместени во Касарната во Ѓорче Петров и се дел од вработените во МВР за кои институцијата обезбедува исхрана.
Од одбележувањето на 25 годишнината на ЕБР, фото: МВР
Летово, владиниот ресор склучи нов тригодишен договор за „услуги за исхрана“ на ЕБР во Ѓорче, но и за единицата „Тигар“ во Илинден и за припадниците на МВР во Центарот за обука во Идризово. Неговата вкупна најголема вредност е 17,5 милиони евра. Велиме најголема бидејќи станува збор за рамковна спогодба – може да се потрошат и сите пари, а може и не.
17 и пол милиони евра е супстанцијална сума за македонски услови, но сама по себе не означува дали нешто е многу или малку, скапо или евтино. Затоа и решивме да најдеме начин да одговориме на прашањето.
Од достапната документација за договорот за „услуги за исхрана“ за касарната Ѓорче Петров ги извадивме цените за повеќе готови производи од т.н. меренда, како сокови, енергетски пијалаци, млеко. Потоа ги споредивме со цените во маркетите, и на терен и на интернет, и ги прикажавме разликите.
На пример, сок од јаболко 100% од Битолска млекара МВР го плаќа 99 денари, а во продавниците и на интернет страниците за пазарување чинеше меѓу 65 и 82 денари. Тоа беше разлика од 21% до 52%. Кај некои производи таа разлика беше помала, кај други поголема, а само кај еден, сок од 100% портокал од Битолска млекара, цената на тендерот на МВР беше поевтина од највисоката цена во продавница.
Дали е оправдано?
Затоа, нашето прво прашање до МВР, на кое не добивме одговор пред емитувањето на минатонеделната емисија беше – зошто МВР е согласно да плаќа толку повисока цена за одредени производи?
Во својот став изготвен после емитувањето на минатонеделната сторија, МВР прво се осврнува на споредбата. Според нив, таа е методолошки погрешна и несоодветна. Јавната набавката била т.н. долгорочен кетеринг, односно не станувало збор за набавка на готови производи. „360 степени“, потсетуваме, го истакна тој факт.
Понатаму, објаснуваат од ресорот кој го води Панче Тошковски, во тендерот не се евалуирале цени на индивидуални производи.
„Согласно условите од огласот на ЕСЈН и тендерската документација, предвидено е економските оператори да понудат цени за ставките збирно за секој дел од набавката, каде што предмет на евалуација е вкупната цена на понудата за соодветниот лот/дел од постапката, а не поединечните ставки“,
одговорија од МВР.
А, за дилемата, дали разликата е оправдана добивме подолго објаснување кое сугерира на афирмативен одговор. Ова е дел:
„Со понудената цена во рамковната спогодба, избраниот оператор се обврзува за период од цели 3 години, на цена со строго лимитирана можност за корекција и тоа исклучиво доколку официјалниот пазарен индекс на цените на угостителските услуги бележи зголемување или намалување. Преку оваа цена, со постапката е предвидено, самите оператори да го преземат целосниот долгорочен ризик од инфлација и да ги покријат високите оперативни трошоци, задолжителните капитални инвестиции во опрема, инвентар и законските давачки кон државата, а паѓаат исклучиво на нивни товар.“
Целиот одговор можете да го прочитате на линкот подолу:
Дека цените се изградени имајќи ги во предвид долгорочните ризици и специфичните барања, објаснуваат и од компанијата добитник на тендерот – „Индустри сервис“.
Седиштето на „Индустри сервис“ во Општина Гази Баба
„Нашата услуга вклучува строги логистички барања како што се: достапност на производите 24/7, итна достава на различни локации во рок од 3 часа по направената нарачка, плаќање со одложена валута од 60 дена, како и гарантирање на секоја договор нарачка со соодветна банкарска гаранција.
Цените на услугите во нашата понуда се во рамките на предвидениот буџет за тригодишна рамковна спогодба. Ова значи дека ние нудиме предвидливи, фиксни цени за период од 3 години (со минимално дозволено отстапување при ценовни шокови)“,
велат во дел од својот одговор „Индустри Сервис“.
Интегралниот одговор од „Индустри сервис“ на прашањата на „360 степени“ прочитајте го на линкот подолу:
Дилемата за цените на готовите производи која ја отвори „360 степени“ не е нова. Ја отвори партијата од која потекнува министерот Панче Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ. Не сега, туку во 2023 година кога токму „Индустри сервис“ ја доби истата јавна набавка.
Поранешниот министер за внатрешни работи во техничката Влада на Оливер Спасовски, Наќе Чулев, меѓу другото, тврдеше дека меѓу храната има многу готови производи, фокусирајќи се на конзервите.
„Најголемиот дел од храната е сува и ја произведуваат други производители и не е готвена храна која би ја приготвиле „Индустри сервис“. Воопштено, сето ова значи дека „Индустри сервис“ само ставиле своја маржа на конзервите и сувата храна, а МВР добива поскапа храна отколку кога сами би ја набавувале во одвоени постапки тие конзерви и сува храна. Се поставува прашањето, зошто воопшто е распишан оглас за храна, а не за поединечни огласи. Ако „Индустри сервис“ имал сметка да купува и да препродава храна која друг ја произвел, зошто тогаш МВР не го сторило тоа“,
праша на 23 јануари 2023 година Наќе Чулев од партиската говорница во ВМРО-ДПМНЕ.
Прашавме во ВМРО-ДПМНЕ, меѓудругото, дали се уште стојат зад идејата дека МВР треба сама да набавува готови производи.
Ова е интегралниот одговор од партијата:
„ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија може со сигурност да потенцира дека за разлика од пред 3 години, денес полициските службеници имаат достоинствени услови за работа, храната која ја конзумираат денес е на високо и квалитетно ниво, а набавките и тендерите кои се спроведуваат се јавни, отчетни и транспарентни.“
Конкуренција
На огласот за „услуги за исхрана“ на МВР, покрај „Индустри сервис“, беа пријавени уште две компании. На крајот, требаше да има електронска аукција, односно наддавање со пониски цени меѓу конкурентите.
Но, едниот претендент, „Балкан груп ФФ“ отпадна уште од старт бидејќи во 2025 година имале годишни приходи од околу 85 илјади евра. Тоа е 40 пати помалку од минималниот услов поставен од МВР. Другиот конкурент, „Специјал-продукт“, беше дисквалификуван поради пропусти во документацијата.
Значи, не остана кој да се трка со намалување на цената. Тоа, заедно со фактот дека се пријавија само две сериозни фирми за еден така голем тендер, беше повод за нашето второ прашање до МВР – дали институцијата се избори за економски најповолна понуда, имајќи го во предвид епилогот – да се потпише договор со единствената преостаната?
Седиштето на Министерството за внатрешни работи
„Постапката беше јавна и отворена за сите субјекти на пазарот. Тоа што преостанатите две компании биле дисквалификувани, се должи исклучиво на нивното неисполнување на горенаведените задолжителни критериуми, меѓународни ISO стандарди или пропорционални кадровски и технички капацитети кои Комисијата за јавна набавка е обврзана задолжително да ги примени. МВР има обврска да ги заштити државните средства но и сигурноста на самиот полициски состав, за што ангажираниот кадар кај носителот на набавката предвидено е со условите за постапката да подлежи на надополнителни безбедносни проверки“,
велат од МВР во дел од својот одговор.
Иако не поставивме директно прашање за темата, за постапката се произнесоа и од „Индустри сервис“. Истакнуваат дека се фирма со 25 години искуство, со 300 вработени и со приход кој 75% доаѓа од услуги за приватниот сектор.
„Како оператор со легитимен економски интерес, учествувавме во постапката за јавна набавка за угостителски услуги за потребите на МВР, поставувавме прашања во фазата на појаснување на тендерската постапка и во законски предвидениот рок ја доставивме нашата понуда. Притоа, нашата финансиска понуда беше поефтина за дури 126% (сто дваесет и шест проценти) во однос на понудата на економскиот оператор Специјал – Продукт“,
се вели во дел од одговорот на „Индустри сервис“.
Тендерот, по жалба на конкурентот „Специјал-продукт“, беше обжален пред Државната комисија за жалби по јавни набавки. Институцијата им ја одби жалбата како неоснована, односно ги потврди наодите на комисијата во МВР – дека имале битни пропусти во поднесената документација.
Од владиниот ресор велат, остануваат посветени на одговорно, економично и транспарентно трошење на буџетските средства – секогаш во рамките на позитивните законски прописи.