Прашања на „360 степени“ испратени на 28 септември 2026 година, 16:57 часот:
Почитувани,
За потребите на редакцијата на „360 степени“, замолувам за одговор на неколку новинарски прашања. Истите се во контекст на јавната набавка за „услуги на исхрана“ на Министерството за внатрешни работи, а за кои како редакција веќе објавивме една сторија.
Имајќи ја во предвид неформалната комуникација која ја имавме деновивме:
1. Во објавената тендерска и договорна документација, се содржани и цените по кои договорниот орган купува одредени производи од „Индустри сервис“. Споредбата со малопродажните цени покажува дека цените на дел од производите во јавната набавка се значителелно повисоки од цените во продавниците. (на пример, „фанта“ или „кока-кола“ од 0,45 литри во малопродажба е меѓу 37 и 43 денари, а во јавната набавка 55 денари). Како ја објаснувате/на што се должи таа разлика, особено ако се земе во предвид дека набавните цени се пониски од малопродажните?
2. Вашата компанија и во минатото ја даваше истата услуга за МВР, конкретно од 2023 година. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, а сега владејачка партија, меѓудругото ја ставаше под знак прашање рационалноста на набавката – во делот на готовите производи, но и користењето на мензите во објектите на МВР. Како компанија со искуство во секторот, каква е вашата оценка во врска со теоретската можност (и сега и тогаш) министерството да организира исхрана без надворешен оператор?
Молам за одговор најдоцна до крајот на работното време во среда (30 септември 2026 година). Доколку постои можност, молам одговорите да ги добиеме во форма на изјава во камера, за што би се договориле во директна комуникација. Доколку не можете/не сте согласни за изјава во камера, молам за одговор на писмено. Истовремено, замолуваме да ни дозволите кратко снимање на седиштето на вашата компанија (од надвор и внатре), за евентуални илустративни потреби.
Стојам на располагање за сите дополнителни прашања.
Одговор на Филип Смилковски, управител на „Индустри сервис“, испратен на 29 септември 2026 година 14:16 часот:
Почитуван Александар,
Во продолжение на овој допис следува нашата Изјава, поврзана со Вашиот прилог:
Нашата компанија Индустри Сервис е сериозна домашна компанија и е најголем угостителски оператор во земјата, која континуирано и успешно работи веќе 25 години. Нашиот тим од 300 посветени вработени секојдневно подготвува и послужува над 15.000 оброци за дваесетина клиенти, во повеќе градови во државата. Во 2025 година, 75% од нашите приходи се остварени по основ склучени договори со компании кои оперираат во приватниот сектор, а само 25% се реализирани преку јавни набавки.
Како оператор со легитимен економски интерес, учествувавме во постапката за јавна набавка за угостителски услуги за потребите на МВР, поставувавме прашања во фазата на појаснување на тендерската постапка и во законски предвидениот рок ја доставивме нашата понуда. Притоа, нашата финансиска понуда беше поефтина за дури 126% (сто дваесет и шест проценти) во однос на понудата на економскиот оператор Специјал – Продукт, информација која пропуштивте да ја споделите со јавноста.
Во однос на цените и споредбата со малопродажбата, сметаме дека е апсолутно манипулативно и методолошки погрешно да се споредуваат дневни, променливи цени на рафт во малопродажен дисконтен маркет, со цени за комплексна угостителска услуга која вклучува и логистички дел. Нашата понуда е структурирана за угостителска услуга, а не за испорака на стоки, впрочем и самиот предмет на Јавна набавка гласи -Услуги за исхрана.
Дополнително, за разлика од пазарењето во маркет, нашата услуга вклучува строги логистички барања како што се: достапност на производите 24/7, итна достава на различни локации во рок од 3 часа по направената нарачка, плаќање со одложена валута од 60 дена, како и гарантирање на секоја договор нарачка со соодветна банкарска гаранција.
Цените на услугите во нашата понуда се во рамките на предвидениот буџет за тригодишна рамковна спогодба. Ова значи дека ние нудиме предвидливи, фиксни цени за период од 3 години (со минимално дозволено отстапување при ценовни шокови).
На крајот на овој допис, сакаме да Ве информираме дека Индустри Сервис учествувал и ќе продолжи да учествува секаде каде што има економски интерес во дејноста во која работиме, без разлика дали станува збор за јавни набавки или пак приватниот сектор.
