Прашањата на „360 степени“ испратени на 22 септември 2026 година, во 12:14 часот:
Почитувани,
За потребите на емисијата „360 степени“ која се емитува на МРТ 1 ве молам за одговор на неколку новинарски прашања во врска со склучените договори по јавната набавка со број 06481/2026, за „Услуги за исхрана“.
1. Во јавно достапните документи Техничка понуда и финансиска понуда, јасно може да се видат цените и производите кои ги набавува МВР. При споредбата на цените во тендерот за производите во категоријата „Маренда“, со цените во малопродажба, лесно се доаѓа до заклучокот дека голем број од производите се поевтини за неколку десетици проценти во продавница. На пример, МВР купува енергетски пијалак „Ред бул“ во лименка од 0,25 литри за касарната „Ѓорче Петров“ по 110 денари, додека низ продавниците во Скопје истиот пијалак се наоѓа за цени од 59 до 95 денари. Зошто МВР е согласно да плаќа толку повисока цена?
2. На тендерот, формално имаше понуди од три компании. Едната ниту приближно не ги исполнуваше условите за учество, додека втората беше дисквалификувана. Дали МВР смета дека избори економски најповолна понуда, имајќи го во предвид епилогот – да се потпише договор со единствената преостаната понуда?
Ве молам за одговор до крајот на работно време во текот на утрешниот ден (среда, 23 септември 2026 година). Доколку постои можност, замолуваме за изјава во камера од надлежно лице. Доколку не постои таква можност, молиме за писмен одговор.
Одговор на МВР примен на 28 септември 2026 година, во 14:26 часот (четири дена по емитувањето на сторијата на „360 степени“):
Почитувани,
Во врска со вашите прашања поврзани со постапката за јавна набавка спроведена преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) со објавен оглас број 06481/2026, ви го доставуваме следниот одговор со информации од кои ќе се добие јасна слика за фактичката состојба, наместо изнесените манипулативни полуфакти во објавената сторија за јавност.
1. Во однос на методолошки погрешната споредба на цени од набавка во малопродажба со цените на пазарот за набавка од ист или сличен вид.
Министерството за внатрешни работи потенцира дека не е спроведена јавна набавка на стоки или поединечни артикли како од продавница,
туку спроведена е комплексна набавка на „Услуги за исхрана“ (т.н. долгорочен кетеринг) која е спроведена за три стратешки позиции
со специфични наменски потреби за дел од припадниците на полицијата како посебни делови/LOT-ови од постапка :
дел 1 – Полицискиот центар во поранешната касарна „Ѓорче Петров“,
дел 2 – Центарот за обука и
дел 3 – касарната „Илинден“ .
Поради наведеното, направената компарација помеѓу малопродажните цени во маркет каде се врши моментално готовинско или безготовинско плаќање (класично купување на производ во готово)
и цените на комплетна долгорочна услуга према МВР со вака сложен, специфичен и безбедносно ригорозен систем претставува лаички пристап кој методолошки, економски и логистички
е несоодветен и неодржлив во компарација за конкретната спроведена постапка за јавна набавка.
Еден од посочените пијалак во прашањето кој во техничката спецификација е баран како генерички артикл „Енергетски пијалок“ (0,25 л) со прецизно дефиниран норматив и состав на активни супстанци
согласно правилата во јавните набавки, воопшто не се набавува поединечно како одделна ставка.
Овој пијалак е само една поединечна компонента во рамки на пошироката, целосно заокружена услуга која опфаќа над 170 комплексни менија (обемни топли оброци, посни оброци
и вкупно 33 комбинации на суви теренски пакет-оброци), маренди и специфични суплементи наменети за екстремни физички напори,
кои секогаш вклучуваат предвидени пијалаци и задолжителна флаширана вода.
Согласно условите од огласот на ЕСЈН и тендерската документација, предвидено е економските оператори да понудат цени за ставките збирно за секој дел од набавката,
каде што предмет на евалуација е вкупната цена на понудата за соодветниотлот/дел од постапката, а не поединечните ставки.
Со понудената цена во рамковната спогодба, избраниот оператор се обврзува за период од цели 3 години на цена со строго лимитирана можност за корекција
и тоа исклучиво доколку официјалниот пазарен индекс на цените на угостителските услуги бележи зголемување или намалување.
Преку оваа цена, со постапката е предвидено, самите оператори да го преземат целосниот долгорочен ризик од инфлација и да ги покријат високите оперативни трошоци,
задолжителните капитални инвестиции во опрема, инвентар и законските давачки кон државата, а паѓаат исклучиво на нивни товар, како што се следните:
– Директна задолжителна инвестиција во траен имот на МВР (за сите три делови/ЛОТОВИ) согласно задолжителните одредби од тендерската документација,
за ЛОТ 1 и ЛОТ 2, доколку постоечкиот кујнски инвентар на МВР е неисправен го операторот го сервисира и одржува на сопствен трошок
или доколку недостига набавува и инсталира свои сопствени апарати за извршување на услугите а кои по завршување на рамковната спогодба трајно остануваат во објектите на МВР.
За ЛОТ 3 (касарна Илинден) просторот во кантината беше во целост празен и операторот на свој сопствен трошок набавува комплетно нова, некористена професионална опрема и ситен инвентар,
кои исто така трајно преминуваат во сопственост на МВР преку уредно потпишан записник.
Обврска за операторот на свој трошок да набави минимум 210 професионални маси, 840 зајакнати столици (кои издржуваат тежина до 150 кг) за ресторански простори од вкупно над 1.150 м²
Инвестиција во професионален инвентар за ресторани, меѓудругото минимум по 2.600 комплети прибор и порцелански садови за послужување.
Овие непредвидени финансиски инвестиции директно треба да се вкалкулирани во понудените цени за услугите.
– Плаќање закуп кон МВР за просторот и опремата: Согласно Законот за располагање со ствари во државна сопственост (член 40, став 2), за ЛОТ 1 и ЛОТ 2 се склучува непосредна спогодба за закуп, при што операторот е задолжен на МВР да му плаќа месечен закуп во износ од 0,5% од проценетата вредност на објектот, претходно официјално утврдена од Бирото за проценка при Министерството за правда.
Овој трошок за кирија кон државата, заедно со месечните излезни фактури за подмирување на режиските трошоци (струја, вода, греење и сл.) МВР ги фактурира на месечно ниво, се на товар на операторот.
– т.н. Финансирање на МВР преку одложено вирмански плаќање од 60 дена, за разлика од малопродажбата каде стоката се наплаќа веднаш на каса во продавница.
Преку ова одложено плаќање предвидено е операторот со сопствени средства, претходно со месеци однапред да ја кредитира и финансира набавката на намирници,
платите за персонал, оперативните трошоци и целокупната логистика.
– Оперативна подготвеност по принцип 24 часа / 7 дена неделно /365 денови во годината под ригорозни услови за пенали при сукцесивно извршување на услугата
преку склучени поединечни договори – нарачки кои уредуваат точно дефинирани рокови, од кои меѓудругото Операторот е должен :
да одговори на вонредно усно барање во рок од само 3 часа во било кој момент од денот или ноќта
и да обезбеди организациско решение со кое **500 лица ефикасно и брзо ќе бидат послужени за не повеќе од 60 минути.
Доколку операторот доцни во извршување на услугите, се соочува со задолжително пропишани, па сè до раскинување на рамковната спогодба.
– Трошоци за сложената логистика за извршување на услугите, лабораториските трошоци за контроли и микробиолошки испитувања на храна и површини, проверка на безбедноста на храната.
Операторот сам го покрива воспоставувањето и верификација на HACCP системот, ИТ систем за ваучер картички, (4 пати годишно), санитарни прегледи на персонал,
ДДД услуги и транспорт во наменски возила под строг температурен режим.
– Огромен финансиски ризик и трошоци за банкарски гаранции:
Со постапката е предвидено да се доставуваат банкарски гаранции за квалитетно извршување на секој поединечен договор во износ од 5% од неговата вредност,
како и банкарска гаранција за обештетување на МВР во износ од 100.000 евра по локација (вкупен годишен агрегат) во случај на неисправност на храна, повреда со храна или несакано труење на вработените.
Вкупната вредност на понудената услуга е во рамките на вкупно планираните оброци за сите три години како заокружена економска целина,
а не за поединечните производи кои се извадени надвор од контекстот на техничката спецификација.
2. Во однос на конкуренцијата и изборот на економски најповолна понуда:
Предметната јавна набавка е спроведена во строга, транспарентна и законита отворена постапка, согласно одредбите од Законот за јавните набавки преку системот ЕСЈН.
Согласно одредбите од тендерската документација, Договорниот орган спроведе ригорозна постапка за утврдување на способноста на економските оператори
која вклучува задолжително кумулативно исполнување на строги економско финансиски и техничко професионални услови.
Опфатена е задолжителна соодветна лиценца за давање услуги како бараните, издадена од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ),
како и исполнување на највисоките меѓународни сертификати: ISO 22000:2018 (безбедност на храна), ISO 45001:2018 (здравје и безбедност при работа) и ISO 9001:2015 (менаџмент со квалитет),
издадени исклучиво од акредитирани тела за сертификација.
Операторот кој е избран достави ангажиран стручен персонал од 70 вработени лица со име и презиме (дипломирани стручни готвачи, кујнски помошници, возачи за достава и инженери-технолози за квалитет и безбедност на храна) придружени со соодветни дипломи и сведителства за валидација.
Како дел од барањата во постапката предвиден е ангажман на наменски возен парк за транспорт на храна од минимум 8 специјализирани возила, со сообраќајни дозволи
во кои е внесен податок за официјално заверен А-тест за климатизирачко-хигиенски товарен простор.
Постапката беше јавна и отворена за сите субјекти на пазарот. Тоа што преостанатите две компании биле дисквалификувани, се должи исклучиво на нивното неисполнување
на горенаведените задолжителни критериуми, меѓународни ISO стандарди или пропорционални кадровски и технички капацитети
кои Комисијата за јавна набавка е обврзана задолжително да ги примени.
МВР има обврска да ги заштити државните средства но и сигурноста на самиот полициски состав, за што ангажираниот кадар кај носителот на набавката
предвидено е со условите за постапката да подлежи на надополнителни безбедносни проверки.
Министерството за внатрешни работи останува посветено на максимално одговорно, економично и транспарентно трошење на буџетските средства, секогаш во рамките на позитивните законски прописи.
НАПОМЕНА:
Од сето погоре наведено, се дава слика дека сторијата е заснована на претпоставки и претставува во најмала рака несериозен и аматерски новинарски пристап,
а можеби и посериозно тендециозно постапување со сеуште нејасна крајна цел.
Пречесто доставувања на барања на два дена пред објава на сторија е повторувачко дејствие веќе карактеристично за “360 степени“
иако треба да им е повеќе од познато дека рокот за достава на информации од јавен карактер е до 30 дена.
Службите на МВР не стојат на stand-by за опслужување на потребите во било кој посакан момент за лицата кои ги бараат информациите,
а кои доколку пристапиле со сериозна намера за истражување на фактите во постапката наместо објава на неосновани бомбастични шпекулации,
со сигурност би требало да предвидат и да имаат на располагање повеќе од неколку денови.
На самиот крај како пример за една од можностите кои се на располагање на заинтересираните страни, а се со цел за пореална претстава на фактичката ситуација,
во прилог доставуваме табела со компарација на цените помеѓу понудувачите во постапката кои се од интерес на барателот на информацијата (која е јавно достапна),
а која можност ние ја утврдивме и искористивме без претходно искуство во областа на истражувачкото новинарство, што говори самото по себе за намерата на објавената сторија.
Реакција на авторот на дел од наводите во одговорите, испратена до МВР на 29 септември 2026 година, 12:58 часот:
Почитувани,
Благодарам за одговорот на прашањата, иако задоцнет.
Сепак, по речиси две децении, за првпат во кариерата сум приморан и да возвратам.
1. Новинарските прашања се една материја, Барање за пристап до информации од јавен карактер се сосема друга материја, уредена со посебен закон. Верувам дека имате правници кои прават разлика меѓу двете.
2. На новинарски прашања, во принцип, се одговара веднаш или во најскоро можно време. Имате портпароли на сите СВР-а, имате посебен Сектор, Медија центар, па дури и помошник на министерот за тие прашања. На кратко, ДА, имате служби во МВР чија работа е да ги опслужуваат новинарите нон-стоп, затоа што таква е и полициската и новинарската работа. Не е моја вина што не ни доставивте одговор по два и пол работни дена на две релативно едноставни прашања.
3. Во моите прашања побарав и изјава од надлежно лице. До емитувањето на сторијата на добив одговор ниту за таа околност. Колку дена се потребни за тоа Да или Не?
4. Еве малку факти наспроти вашата теза дека „360 степени“ има навика доцна да праќа прашања. Последен пат, со прашања, сум ви се обратил на 30 март 2026 – за набавката на униформи за специјалните единици. Ми одговоривте дури по 38 дена, на 8 мај 2026, и тоа по ургенција од министерот! Кај мене тоа отвора дилема – дали МВР има неефикасен систем за односи со медиумите или МВР е нетранспарентно по одредени прашања?
5. Барања за пристап до информации од јавен карактер сме испраќале и ќе продолжиме да испраќаме, кога бараме поголем број на податоци или документи кои ги создавате како иматели, а за кои сме свесни дека е потребно подолго време да се обезбедат. Инаку, рокот за одговор по барање не е 30 дена како што сте напишале, верувам имате правници кои го знаат тоа. Имам само пофални зборови за соработката со надлежните офицери во МВР по Барања за пристап до информации од јавен карактер. Не само сега, туку за последниве 15 години.
6. Табелата со цените која ми ја праќате, не е дел од јавно објавената документација за тендерот на Бирото за јавни набавки. Колку што ми е познато, тие се видливи само за учесниците и договорниот орган во еден дел од постапката. Очекувам да ми пратите или линк – каде точно може да се видат цените кои ги цитирате или извинување – ако таква информација, сепак, јавно не постои. На крајот на краиштата, цените на останатите понудувачи се небитни бидејќи ем биле дисквалификувани, ем била предвидена електронска аукција која не се одржала. Останал еден понудувач кој не се натпреварувал со никого.
7. Во дописот, на едно место коментирате дека нашата сторија содржи „манипулативни полуфакти“, на друго дека има „неосновани бомбастични шпекулации“, а се користат и други навредливи квалификации. Ако навистина сте уверени дека има такви елементи, очекувам да почнете соодветна постапка за навреда и клевета. Во спротивно, на овие коментари и допис гледам само како на злоупотреба на моќта на институцијата/функцијата, обид за заплашување и ограничување на слободата на говор.
8. Намерата на објавената сторија потекнува од нашата обврска да го следиме рационалното трошење на јавните средства. Во случајот таа е – дали вреди/дали се исплати да се плаќа десетици проценти поскапо од набавната/малопродажната цена на готови производи само затоа што се сервираат во касарна? Во ова прашање нема никаква непозната крајна цел, освен јавниот интерес. Оваа дилема, впрочем, и тоа повикувајќи се на далеку помал број на факти, го поставила и политичката партија од чии редови доаѓа сегашниот министер за внатрешни работи. Ако за МВР, сторијата е несериозна и аматерска, дали можам да заклучам дека несериозна и аматерска е ВМРО-ДПМНЕ и нејзините истакнати членови Наќе Чулев и Драган Ковачки?
9. Деловите од дописот кои се однесуваат на поставените прашања ќе бидат употребени во сторија согласно новинарските пракси и стандарди. Целиот одговор кој се однесува на прашањата ќе биде објавен на нашата веб страница.
