Од Медицинскиот факултет посочуваат и дека докторот Василевски бил уредно известен за исходот од постапката, односно за изборот на кандидатите на конкурсот. Во оваа смисла, додаваат дека доколку кандидатот смета оти му е ускратено некое право од постапката за вработување, своите права може да ги оствари пред надлежните институции
Доктор Дарко Василевски не беше доведен во понеповолна положба од другите кандидати во ниту една фаза од постапката за вработување спроведена од Медицинскиот факултет – се вели во реакцијата што денеска ја објави Медицинскиот факултет откако докторот и приватен специјализант го почна најавениот штрајк со глад откако по третпат бил одбиен на јавен оглас за вработување, кој според него бил спроведен нетранспарентно.

Во реакцијата испратена до медиумите, од Медицинскиот факултет велат дека постапките за вработување на доктори по медицина се спроведуваат согласно важечките закони и целосно транспарентно. Оттаму посочуваат дека во конкретниот случај, Комисијата за селекција ги проверила документите на седумте пријавени кандидати за позицијата за која конкурирал и докторот Дарко Василевски, по што со сите кандидати било направено интервју.
„По спроведеното интервју, Комисијата за селекција предложи два кандидата кои ги исполнуваат општите и посебните услови за засновање работен однос со Факултетот. Особено нагласуваме дека избраните кандидати се далеку подобро рангирани по основ на постигнатиот успех од формалното образование и резултатите од интервјуто. Постапката беше објективна и транспарентна и во ниту една фаза од истата, доктор Дарко Василевски не беше доведен во понеповолна положба од останатите кандидати“,
велат од Медицинскиот факултет Скопје.
Посочуваат и дека Василевски бил уредно известен за исходот од постапката, односно за изборот на кандидатите на конкурсот. Во оваа смисла, додаваат дека доколку кандидатот смета оти му е ускратено некое право од постапката за вработување, своите права може да ги оствари пред надлежните институции.
„До денес, Факултетот нема добиено известување од ниту една надлежна институција дека кандидатот официјално се обратил во врска со наведениот конкурс за вработување. Исто така, до Факултетот не е доставено ни известување за евентуално поднесена претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Доколку Факултетот добие претставка во законски предвидениот рок ќе се произнесе по истата“,
пишува во реакцијата на Медицинскиот факултет при УКИМ.
Реакцијата следува откако доктор Василевски денеска го започна најавениот штрајк со глад, обвинувајќи за нетранспарентна постапка на јавен оглас за вработување на Медицинскиот факултет во Скопје, кој според него е спроведен нетранспарентно. Обвини дека бил дискриминиран поради неговата возраст.
