Ова е дел од одговорот што министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го даде пред европратениците во Комисијата за надворешни работи на Евопскиот парламент (ЕП), на прашање за заднината на последните случувања во земјава во контекст на меѓуетничките односи
Конкретните случаи во изминатите денови се изолирани и се прашања што произлегуваат од фактот дека конкретна политичка партија не може да прифати дека е во опозиција и во позадина ќе направи сè што може за да провоцира.
Ова е дел од одговорот што министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го даде пред европратениците во Комисијата за надворешни работи на Евопскиот парламент (ЕП), на прашање за заднината на последните случувања во земјава во контекст на меѓуетничките односи.

Улогата на Владата во вакви случаи, вели Муцунски, не е да политизира, туку да ги реши.
„Институциите ќе дејствуваат во согласност со домашното законодавство, во согласност со нашиот Устав и нема да дозволиме поединци кои сакаат само да ја зачуваат својата политичка кариера, да ја поткопаат одличната меѓуетничка атмосфера што постои во нашето општество“,
рече министерот Муцунски пред европските пратеници во Комисијата за надворешни работи на ЕП.
Изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија следува по минатонеделниот инцидент во центарот на Скопје, кога за време на прославата на Денот на независноста на Албанија и на албанското знаме, граѓани го газеа и го искинаа националното знаме на државата. Осуда за настанот стигна од сите коалициски партнери во Владата, кои ја обвинија Демократската унија за интеграција за вмешаност во инцидентот.
Опозициската ДУИ го осуди сквернавењето на државното знаме, но рече дека тоа било реакција на несоодветна полициска интервенција на настанот. Оттаму негираат вмешаност во инцидентот.
Покрај инцидентите со државното знаме, министерката за образование и наука Весна Јаневска во саботата објави дека по повод прослава на Денот на независноста на Албанија и на албанското знаме, во училиштето „7 Март“ во тетовско Челопек на приредба ученици биле облечени во воена униформа со амблеми на УЧК и со пушки во рацете. Најави дека Државниот просветен инспекторат ќе го проверува случајот.
На ова, од ДУИ реагираа дека станува збор за продолжение на антиалбанските политики што се спроведуваат во последните месеци и ја обвинија Владата за двојни стандарди и хипокризија, кои, како што велат, немаат крај.
