Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за изборите и кој е ставот на партијата за можен термин за нивно одржување.
„Нашиот став е дека ако ги анализирате сите работи, каква е можноста вие да ги екипирате избирачките одбори. Може и половина нема да сакаат да бидат таму. Дали вие можете да организирате соодветна мониторинг мисија од ОБСЕ/ОДИХР и можам да ви нудам многу аргументи и контра аргументи коишто се спротивни на таа уредба којашто тогаш ја донесоа, а им велев немојте“,
рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека токму поради овие причини бара да се одржи лидерска средба критикувајќи го политичкиот противник СДСМ кој, како што вели, лицитира со термини за избори иако официјално вели дека здравјето на граѓаните им е пред се.
„Во овој момент ни во првите 3 приоритети не ни е одржување парламентарни избори во услови кога имаме пандемија и здравствена криза. Јас навистина во овој момент се борам што можам повеќе како претседател на најголема политичка партија, во опозиција, како кандидат за мандатар којшто утре предвидува да биде премиер, да понуди што е можно повеќе мерки за заштита на граѓаните, економски и антикризни“,
вели Мицкоски.