Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика на масовна мобилизација за да се соберат потписи за доставување предлог-закон за поништување на регулативата за пописот, доколку таа не биде повлечена од собраниска процедура
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара денеска владејачкото мнозинство да го повлече од процедура законот за спроведување на пописот во април годинава, за кој попладнево почна расправата во Собранието.
Мицкоски на прес-конференција посочи дека Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница, по долга и опсежна дискусија, ги донел следните заклучоци:
- Владејачкото мнозинство да го повлече Законот за попис од собраниската дебата и да организира внатрепартиска и внатредржавна дебата на целата територија на државата.
- Да ги обедини сите политички чинители, сите општествени фактори, за да се дојде до консензуално решение, како треба да изгледа оваа статистичка операција на попис.
- Попис е потребно да има, но тоа е потребно да биде статистичка операција, а не политичка операција каква што се подготвува од страна на владејачкото мнозинство.
„Попис како статистичка операција се прави откако претходно ќе се постигне национален, општествен и политички консензус, што во овој случај изостана бидејќи во рамките на парламентарната комисиска расправа опозицијата предложи четириесетина амандмани и можете да претпоставите дека ниту еден од тие амандмани не беше прифатен од страна на владејачкото мнозинство, туку директорот на ДЗС беше благо укорен од претседавачот на Комисијата, немој да се мешаш затоа што се е веќе договорено“,
рече Мицкоски.
Тој наброја неколку држави кои поради ковид-пандемијата го одложија пописот за втората половина од 2021 година или за следната година: Германија, Шкотска, Ирска, Романија, Србија, Хрватска…
Мицкоски обвини дека се злоупотребува европското знаменце за донесување на законот за попис. Тој рече дека, ако законот не биде повлечен од процедура, ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира заедно со граѓаните и ќе поднесе иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда, за собирање на потписи за предлог-закон кој што ќе биде доставен во Собранието за поништување на законот за попис.
„Ги повикуваме сите граѓани, без разлика на нивната политичка припадност или неприпадност, без разлика на нивната етничка и верска припадност, да ни се приклучат и придружат затоа што на Македонија и е потребен попис кој ќе даде одговор на статистичките дилеми, а не повторно попис кој што ќе биде политички и нема да даде одговор на прашањата што ја засегаат македонската јавност. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со граѓаните, ќе почне иницијатива на собирање потписи во Министерството за правда и како резултат на таа иницијатива ќе доставиме предлог-закон во Собранието со кој што ќе предвидиме поништување на овој закон владејачкото мнозинство се подготвува да го донесе по насилен пат. Затоа повикуваме на масовна мобилизација“,
нагласи Мицкоски.