Пописот треба да се спроведе затоа што е обврска и поради тоа што сме единствена држава во Европа која нема направено попис, заедно со Сомалија и не знам кои други држави, рече денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција. Тој додаде дека сега постои Закон за попис и институциите го спроведуваат.
„Ова е закон, нема веќе работна група за спроведување на пописот, институциите го спроведуваат, тој е задолжителен и има казни. Не сакам да се заканувам, но секако законот важи за сите и сите мора да го испочитуваме. Пописот не е за да се попишуваат политичките партии или политичарите во државата, пописот е заради граѓаните. Опозицијата вели дека кога ќе дојде на власт ќе направи нов попис, нема проблем, државата во 2031 ќе прави пак попис, ќе видиме кој ќе биде власт, тоа граѓаните ќе ни го кажат тогаш“,
рече Заев
Заев нагласи дека ги слуша барањата на опозицијата и се труди да ги земе предвид, иако понекогаш, како што рече, не ја гледа рационалноста.
Ние ги слушаме барањата на опозицијата и се трудиме навистина да ги земеме предвид, иако понекогаш отворено и често зборувам дека не ја гледам рационалност, но, еве, нема зијан, и тргнавме со меѓународните партнери да бараме донации за најмалку 5 000 апарати за отпечаток од прст, за да можеме и тоа нивно барање да го вградиме, ама како ќе им земеме отпечаток од прст на иселените луѓе, како ќе земеме отпечаток на прст на децата до 18 години, тие се попишуваат, а немаат отпечаток во полицијата, но ајде ќе ги земеме, па за локални избори ќе притребаат“,
вели Заев
Заев додаде дека во Република Северна Македонија е дозволена бипатридност, односно двојно државјанство, и секој што е граѓанин на државата е нејзин државјанин, прашање е само дали живее тука или е иселен повеќе од една година. Тој што е иселен повеќе од една година, како што рече премиерот, се смета дека е нерезидент и се попишува како граѓанин на Македонија иселен повеќе од една година.