Иако дебатата за законот за попис во Комисијата за европски прашања може да трае најмногу три дена, таа почна и заврши денеска. Но, прашање е дали сѐ ќе тече мазно и во втората фаза, со оглед на амандманите што ги најави опозицијата
Едногласно, со десет гласа „за“, собраниската Комисија за европски прашања денеска, во прво читање, го одобри и го испрати во понатамошна постапка предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, според кој напролет треба да се спроведе оваа статистичка операција во земјава.
Иако дебатата за законот за попис во Комисијата за европски прашања, согласно собранискиот Деловник, може да трае најмногу три дена, таа почна и заврши денеска.
Членовите на Комисијата од опозицијата се согласија дека има потреба од донесување вакво законско решение, но искажаа повеќе забелешки на предлогот и најавија амандмани за подобрување на текстот на законот. Забележаа дека треба да се отстранат сите недостатоци на текстот, со цел, како што нагласија, да се избегне политизација на оваа статистичка операција. Според нив, вака како што е предложен, законот остава можност за сомнеж за политичко влијание. Тие побараа и организирање јавна расправа со цел да се чуе мислењето на експертите по ова прашање и да се донесе квалитетно законско решение.
Пратениците од власта, пак, истакнаа дека не треба однапред да се даваат квалификации за овој процес. Пописот, нагласија, ни е повеќе од потребен со оглед на тоа што последниот е спроведен пред дваесеттина години. Ако има конструктивни забелешки на опозицијата, најавија, ќе бидат разгледани во текот на амандманската расправа.
Пратениците од опозицијата имаа забелешки на тоа што методологијата за спроведување на пописот ќе ја одредува директорот на ДЗС и тоа по донесување на овој закон. Со тоа, рекоа, се дава преголемо овластување на едно лице. Се забележуваат, нагласија пратениците од опозицијата, повеќе политички аспекти, наместо стручни и професионални. Според нив, проблем е и тоа што не е предвидено пописно истражување на најмалку 2 отсто од пописната маса заради утврдување на квалитетот на редовниот попис. Ова, според нив, значи дека сите пропусти можат да се прикријат. Забележаа на промена на терминологијата, сега се споменува термин државјани, наместо лица, како и на немањето временски период колку најмалку едно лице треба да има престој во Македонија за да биде попишано како затекнато.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците истакна дека проблемот со политизацијата на овој во суштина статистички процес е неминовен со оглед на тоа што, како што посочи, за жал, одредени права на граѓаните и припадниците на етничките заедници се врзани со процент од вкупното население. Дополнително, рече, тука е и прекинатиот попис во 2011 година. Затоа, како што истакна, треба да се направат напори да се донесе решение за попис во кој како процес ќе имаат доверба сите граѓани.
Пратеничката Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ вели дека не гледа причина за дискусија од политички аспект за еден процес како што е пописот.
Претходно, законот пред пратениците го образложи заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Тој појасни дека во рамки на оваа статистичка операција ќе можат да се попишат државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во државата или во странство.