Од опозициската партија најавија дека нема да поддржат законско решение кое отстапува од стандардите на напредните европски земји, набрзо откако министерот Маричиќ соопшти дека е пуштен во собраниска процедура законот за пописот, кој би се одржал во април следната година
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија денеска дека нема да прифатат решение за попис кој отстапува од европските стандарди, набрзо откако министерот за правда соопшти дека Владата го пуштила во собраниска процедура законот за пописот, кој би се одржал во април следната година.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека власта досега не ја консултирала опозицијата во врска со законот за спроведување на пописот и најави дека партијата нема да поддржи решение кое, како што рече, отстапува од утврдените критериуми на напредните европски земји.
„Пописот треба да биде статистичка, а не политичка операција. Досега власта ја нема консултирано опозицијата за вака суштествено и стратешко важно прашање на земјата. Пописот не треба да се спроведе во зависност на политичките интереси на власта на Зоран Заев, туку со почитување на европските критериуми за попис, пропишани од Еуростат, која е институција за вакви дејности во Европската Унија. Таков попис, кој би отстапувал од утврдените критериуми спроведувани од напредните европски земји, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи“,
рече на денешната прес-конференција Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.
Ако и овој попис пропадне, додаде тој, а се одвива без консултација со опозицијата, целосната вина ќе биде единствено на власта.