Новите планови се операцијата да се реализира во април следната година, половина година пред редовните локални избори и без државна пописна комисија, така што целиот процес ќе се одвива преку Заводот за статистика
Владата испратила до Собранието предлог-закон за попис, и тоа со речиси идентична содржина како таа што беше во процедура во претходниот парламентарен состав.
Министерот за правда Бојан Маричиќ очекува поддршка за законот да даде и опозицијата и тој да биде донесен навреме, со цел пописот да се одржи во април наредната година.
„Последниот попис во нашата земја е одржан во 2002 година. Тоа е пред 18 години, така што сме единствена држава во регионот, а и во Европа која сѐ уште нема одржано попис во толкава временска дистанца, со толкава временска разлика. Затоа, Владата остана на оној текст на законот што веќе го поднесе во Собранието претходно. Значи, ние мислиме дека изградивме еден систем во кој нема да има државна пописна комисија, туку целиот процес ќе се одвива преку Заводот за статистика. Имаме една ситуација во која ќе се користат сите современи достапни инструменти за попишување и сметаме дека е ова добра основа и добар текст на законот кој може и треба да помине во Собранието со мнозинска поддршка“,
рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Според него, секое натамошно одолговлекување на процесот на разговори, преговори и повторно отворање на текстот на законот може само да доведе до ново одлагање на операцијата.
„Единствена и најдобра можност за пописот да се спроведе во 2021 година е тоа да се случи напролет, поточно во април, затоа што знаеме дека веќе во октомври идната година имаме редовни локални избори и е невозможно наесен да биде спроведен пописот. Ние имаме коалициска одлука, владина одлука дека е добро тој попис да се одржи напролет и затоа остануваме на тој предлог-закон што го предложивме во Собранието. Веруваме дека опозицијата ќе биде разумна и дека ќе ја разбере потребата и неопходноста од донесување на овој закон во брз рок, за да можеме да го спроведеме пописот на пролет“,
рече Маричиќ.
Во однос на оние одредби кои се однесуваат на роковите што се веќе истечени, бидејќи важеле во моментот кога е поднесен законскиот текст, Маричиќ истакна дека во соработка со пратениците, преку амандмани, ќе се обидат да ги коригираат тие рокови за да може да функционира законот и кога ќе биде донесен да биде спроведен пописот во април 2021 година.
„Нема да го враќаме тој текст повторно во владина постапка и сметаме дека овие неколку ситни измени можат да се случат и со амандмански интервенции во текстот на законот во Собранието“,
рече министерот за правда.