Властите соопштија дека во потресите се оштетени или урнати околу 250 згради, а сериозно оштетени се и најмалку осум болници, седиштето на Црвениот крст во Венецуела и француската амбасада. Според наводите на министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо, само во регионот Ла Гваира погодени се околу 70 000 семејства
Бројот на загинати во двата последователни земјотреси што вчера ја погодија Венецуела се искачи на околу 235, изјави министерот за здравство Карлос Алварадо во интервју за државната телевизија.

„За жал, околу 235 пациенти пристигнаа без знаци на живот или починаа на пат кон нашите здравствени центри“,
изјави Алварадо.
Министерот за здравство не го прецизира вкупниот број на повредени во земјотресите, но според извештаите објавени во медиумите, бројката се движи и над 4 000. Се стравува дека бројот на загинати и повредени е многу поголем. Во меѓувреме, спасувачките екипи трагаат по преживеани. Дел од медиумите известуваат дека се верува оти стотици луѓе се заробени под урнатините, иако властите досега не објавија официјален податок.
Властите соопштија дека во потресите се оштетени или урнати околу 250 згради. Сериозно оштетени се и најмалку осум болници, седиштето на Црвениот крст во Венецуела и француската амбасада. Според наводите на министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо, околу 70 000 семејства во регионот Ла Гваира се погодени од потресот.
Земјотресите што ја погодија Венецуела се случија вчера во 18:04 часот по локално време. Првиот, со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала бил на длабочина од 20 километри, а епицентарот на вториот, со јачина од 7,5 степени бил уште поплиток, на длабочина од 10 километри.
Бројни светски лидери, вклучително и претседателот на САД, Доналд Трамп, изразија сочувство до властите и граѓаните на Венецуела и понудија помош во спасувачките напори по двата разорни земјотреси.
